Студентите од четири државни универзитети во Србија, кои речиси три месеци блокираат повеќе од 60 факултети, барајќи одговорност од властите за смртта на 15 лица на железничката станица во Нови Сад, подготвуваат нова акција, а во тек е студентски марш од Белград и Ниш до Крагуевац, каде на 15 февруари ќе одржат заеднички митинг.
Студентите, чии блокади на повеќе од 60 факултети траат од 22 ноември, досега беа поддржани од стотици илјади граѓани ширум Србија на бројни собири и блокади, каде со 15-минутно молчење им се оддава почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад.
Последниот голем протест се одржа во Нови Сад со блокада на три моста, а следниот беше најавен за 15 февруари во Крагуевац.
Студентите во своите барања бараат надлежните да одговараат за уривањето на бетонска настрешница во Нови Сад, во кое на 1 ноември минатата година загинаа 15 лица, а двајца беа повредени со доживотни последици.
Бараат почитување на уставот и законите, искоренување на корупцијата и зајакнување и независност на институциите без политичко влијание.
На акцијата најавена за 15 февруари и претходеше штафетен маратон на студенти од Крагуевац кои истрчаа во Белград за симболично да им достават покани на колегите за собирот во Крагуевац.
По првата етапа, учениците од Ниш синоќа беа свечено пречекани во рударскиот град Алексинац, а топло добредојде беше организирано за студентите од Белград и Нови Сад во белградското предградие Сопот.
„Кој нема храброст да се бори, нема право да се жали“ – е една од пораките што студентите ја истакнаа на своите транспаренти.
Студентските протести и барања беа поддржани солидарно и преку заедничко учество на земјоделците, бројни синдикати и општествени групи, културни работници, просветни работници од бројни училишта и медицински работници.
На студентите почнувајќи од понеделникот, им се придружија театарските ансамбли во Белград, Нови Сад и Сомбор, како и адвокатите во Србија кои прогласија 30-дневен прекин на работата Во исто време, српскиот претседател Александар Вучиќ ги повика своите приврзаници да се соберат во Сремска Митровица на 15 февруари и најави дека на тој собир ќе биде усвоена „Народната декларација за Војводина“ – поради наводни обиди за сепаратизам.