Пред Министерството за образование и наука денеска протестираа студенти од Филозофскиот факултет во Скопје кои побараа МОН да ја повлече Нацрт- концепцијата за основно образование.
Според нив, за нацртот требало да се организира јавна дебата, а не, како што рекоа, на најподмолен начин да се пробува да протурка нешто што нема да биде модерна реформа.
– Со слевањето на предметите едни во други, ќе настане тотална деструкција на многу научни предмети, а пред се, на нешто што е државотворно за нас, Македонците, а тоа е македонската историја. Целиот универзитет „Св. Кирил и Методиј, целата Македонска академија на науките и уметностите, сите релевантни и меродавни институции се изјаснија против овој нов концепт. Уште кој треба да им даде до знаење дека треба да запрат? Ние не замолуваме, туку бараме итно да се повлече новиот концепт на Министерството за образование и наука, истакнаа учесниците на протестот.
Денеска е и последниот ден за праќање по електронска пошта до МОН коментари, предлози и сугестии за Нацрт-концепцијата за основното образование која е поставена на веб-страницата на Министерството за образование и наука.
Министерката Мила Царовска во петокот соопшти дека и откако ќе заврши рокот за коментари по мејл (20 јануари), ќе продолжат усните дебати со сите засегнати во процесот за, како што рече, „да се расчистат дилемите кои намерно или ненамерно беа наметнати во јавноста“.
– МОН и работната група што ја направи концепцијата ќе ги земе предвид конструктивните коментари и во наредниот период ќе треба заеднички да ја донесеме новата концепција и да почнеме во наредната училишна година, изјави Царовска.