Студенти по медицина од шеста година ќе се вклучат во борбата против корона

by Фокус

Министерот за здравство Венко Филипче и деканката на Медицинскиот Факултет во Скопје, проф. д-р Соња Топузовска денеска се сретнаа со студентите од шеста година по општа медицина, кои ќе бидат вклучени во процесот на справување од коронавирусот.

-Во услови кога се соочуваме со најголемата светска здравствена криза, студентите по медицина, иднината на нашето здравство, активно се вклучува во поддршка на своите колеги. Студентите се едногласни дека сакаат и можат да помогнат во периодот кој следува. Нивниот ангажман ќе биде помош на колегите епидемиолози во телефонска комуниција со пациентите, изработка на епидемиолошки анкети и обработка на податоците – истакна министерот Филипче.

Инаку, ангажманот на студентите ќе трае шест месеци и ќе биде поделен во три фази, така што на секои два месеци по 50 нови студенти ќе бидат ангажирани во Центрите за јавно здравје.

-Вклучувањето на студентите по медицина во борбата против Ковид-19 е директна помош на здравствените работници и здравствениот систем кои го носат најголемиот товар во оваа криза. Дополнителна придобивка е што студентите освен што ќе стекнат искуство, преку овој ангажман ќе ја реализираат клиничката пракса по јавно здравје која ја извршуваат во шестата година од студиите и истата ќе им биде признаена – потенцира Топузовска.

Поврзани новости