И денеска во целата земја времето ќе биде претежно облачно и студено со локални врнежи од дожд и снег. Покрај дождот и снегот, ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Утринската температура се движи во интервал од минус три до три Целзиусови степени, а максималната дневна ќе достигне од минус два до шест степени.
Во Скопје, времето во текот на денешниот ден ќе биде претежно облачно и студено со повремени врнежи од дожд. Во повисоките делови од котлината врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Дневната температура во главниот град ќе се искачи до четири Целзиусови степени.
И во следните денови, ќе се задржи облачното, студено и ветровито време, со локални врнежи кои претежно ќе бидат од снег. На места, синоптичарите најавуваат и засилен ветер кој ќе дува со брзина и над 60 километри на час. Кон крајот на неделата, поточно од сабота, ќе следи стабилизирање на временската состојба. Врнежите ќе престанат, но и понатаму ќе биде студено.