Гарантираме дека за време на концертите кои ги организираме во Хераклеа, Битола, сите мерки за заштита од вирусот максимално ќе бидат испочитувани, а настаните ќе се одвиваат без никакво отстапување од здравствените протоколи – за ,,Фокус” тврдат од Сцена Продукција, кои се огранизатори на претстојните настани во Битола, концерт на култниот бенд ,,Галија” на трети септември и концерт на ,,Нокаут”, кој ќе се одржи на седми септември.
Челниот човек на битолската продукција, Влатко Јовановски, појаснува дека јавното здравје ќе биде ставено во прв план. Капацитетот на гости ќе бил преполовен, односно биле планирани помалку од 900 посетители.
-Поради состојбата со корона вирусот, од почетокот на годината бевме принудени да откажеме осум концерти. Со акустичните настапи на ,,Галија” и ,,Нокаут” се враќаме, свесни за големата одговорност да се организира настан во ова време. Сите протоколи ќе бидат запазени, со зголемен број на редарска служба, обезбедување, дистанца, заштитни маски, мерење на температура при влез.
Не смееме да си дозволиме да биде загрозено јавното здравје, а со оглед на публиката која е најчеста на настапите на овие бендови, веруваме дека се ќе помине во најдобар ред- вели Јовановски.
Изминатиот период во центарот на јавноста се најде концертот на Петар Грашо, кој се одржа во Хераклеа, во организација на Прагма, каде поради непочитување на мерките за заштита беше најавена и соодветна пријава од надлежните служби.
Од Сцена Продукција велат дека не сакаат да ги коментираат настаните кои не биле во нивна организација, а за концертите на ,,Галија” и ,,Нокаут” тврдат дека ништо нема да биде оставено на случајноста и како веќе извесен период се работи на сите детали.
-Легендарниот бенд ,,Галија” веќе започна со настапи во Србија, одржаа два концерти. Се покажа дека публиката е желна за акустични изведби, и концертот во Битола ќе биде акустичен. ,,Нокаут” веќе имаше дружба со публиката во Антички театар Охрид, во Битола ќе настапи со специјалните гости Игор Џамбазов и и рок легендата Венко Серафимов-изјавија од продукцијата.
Вики Клинчарова