Наместо зад затворски решетки, осуденик својата затворска казна ќе ја издржува во својот дом, со електронска алка на ногата. Ова е втор ваков случај во државата, со издржување на затвоска казна од дома, благодарение на опремата за електронски надзор.
Од Управата за извршување на санкциите истакнуваат дека започна со извршување на втората судска одлука согласно која опремата за електронски надзор има своја примена. Минатата година беше донесена првата пресуда од Основниот суд Велес со која беше изречен куќен затвор во траење од 3 месеци, на старо и изнемоштено лице. Сега пак, осудениот веќе бил во затвор, но остатокот од една година ќе го издржи од својата куќа.
-Притоа, сега за прв пат е донесено Решение за замена на казната затвор со куќен затвор со електронски надзор на лице кои издржувало казна затвор во казнено-поправна установа. Притоа, остатокот од неиздржаниот дел од казната во траење од 11 месеци и 28 дена се заменува и истиот ќе се извршува во куќен затвор со електронски надзор. Станува збор за возрасно осудено лице кај кое има сериозни потврдени здравствени проблеми кои беше предизвик да се третираат во затворската установа. Решението е донесено од страна на Основниот суд во Струга, информираат од Управата.
Оттаму појаснуваат дека поставена е алка на глуждот на ногата на лицето, а во случај на непочитување на упатствата за користење на опремата за електронски надзор и определените ограничувања пробациските службеници ќе го известат судот, согласно одредбите од Законот за пробација.
-Пробациската канцеларија за подрачјето на Основниот суд Охрид е во постојана координација со надлежните институции во врска со извршување на мерката, а Одделението за електронски надзор 24/7 ќе го следи извршувањето со помош на опремата за електронски надзор.
Важно е да се потенцира дека овој начин на извршување на казната е поекономичен за државата, а имајќи ја предвид возраста и здравствената состојба на сторителот воедно претставува и похуман начин на извршување на казната.
Само за потсетување, Управата за извршување на санкциите втора година по ред склучува договор за одржување на опремата за електронски надзор и искрено се надеваме дека истата ќе има поголема примена од страна на судовите, велат од Управата.