Дел од струшките средношколци и основци од неколку села ја бојкотираат онлајн наставата со барање за физичко присуство. Се додека не бидат исполнети нивните барања за физичко присуство на часовите, најавуваат дека нема да следат настава.
Од почетокот на учебната година, настава не следат учениците од албанските паралелки во средното училиште „Нико Нестор“ и гимназијата „Ибрахим Темо“.
Со барање за физичко присуство во училишните клупи на нивните деца се и родителите од неколку струшки села. Според, родителите од селото Корошишта, во основното училиште „Екрем Јакупи“ има услови за следење на наставата.
Претседателот на Советот на родители, Фитни Беќири вели дека немаат услови за настава од далечина, бидејќи многу семејства немаат интернет, ниту технички средства.
– Бојкотираме бидејќи во нашето училиште има услови за настава со физичко присуство. Немаме услови за настава преку интернет, бидејќи многу родители не работат и немаат услови да купат технички средства за следење на онлајн настава. Немаме ни добар интернет, изјави Беќири.
Апелира до Министерството за образование и наука да дојдат во училиштето и да видат дека има услови за настава со физичко присуство.
Во основното училиште „Екрем Јакупи“ во селото Корошишта, од четврто до деветто одделение учат стотина ученици, а наставата се одвива во две смени. Според раководството на училиштето, ги исполнуваат условите на Министерството за образование и наука за физичко присуство на настава до 50 ученици. Оттаму посочуваат дека електричната енергија во училиштето е монофазна и неможе да се постави побрз интернет, што не дозволува изведување на онлајн настава.