Струшката полиција не реагирала за да не ескалира ситуацијата за време на Литијата

by Frosina Fakova

Струшката полиција информира дека ги презела сите мерки за одржувањето на Литијата, за која претходно била известена од црковни лица дека ќе биде одржана без присуство на верници. Но, полицијата не реагирала кога од споредните улици на поворката се приклучиле граѓани, за да не дојде до ескалација на состојбата. Оттаму информираат дека за разлика од претходните години кога биле присутни околу 10.000 верници, оваа година имало околу 300 луѓе. ОВР Струга информира дека во соработка со другите надлежни органи работи на расветлување на случајот, и доколку бидат откриени организатори ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Во соопштението на ОВР Струга во врска со верската манифестација Еродија-Литија, што вчера од 15 до 18.30 часот се одржа во Струга, а во чест на празникот свети Ѓорѓија Победоносец, се вели дека полицијата, согласно предвидените безбедносни протоколи ги презеде сите неопходни безбедносни мерки и постапувала во согласност со владините мерки и протоколи за заштита на населението од вирусот Ковид-19.

Во пресрет на верската манифестација, ОВР Струга информира дека презело превентивни мерки кои имале за цел доследно почитување на пропишаните мерки за превенција од ризикот по здравјето на граѓаните на општина Струга.

-На 4 мај, началникот на ОВР Струга, заедно со други претставници од полициската станица, одржа работен состанок со старешината на црквата „Св.Ѓорѓи“ во Струга, на која на старешината му беше нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до сетот мерки и препораки на здравствените органи и владините мерки за заштита од зараза со корона вирусот и при вршење на верските служби и други активности за време на литијата, црковните и другите лица, строго да се придржуваат до одредбите за држење прописно растојание, велат од ОВР Струга.

Оттаму информираат дека старешината на црквата, ги запознал полициските претставници дека, навремено ќе информира за сите планирани активности пред и за време на одржувањето на Литијата и нагласил дека бил во постојан контакт со МПЦ-ОА. Исто така, старешината информирал дека, во согласност со превентивните мерки, Литијата ќе биде составена само од дел од локалното свештенство и монаштво, без присуство на луѓе во текот на движењето.

Со цел непречено и безбедно одвивање на предвидениот верски настан, ОВР Струга изготвило оперативен план и во согласност со истиот, на 7 мај, извршило физичко покривање на поширокиот дел од црквата „Св.Ѓорѓи“ , во чиј двор била забележана помала група верници кои имале заштитни маски и биле на соодветно меѓусебно растојание.

-При движење на Литијата кон кејот и на шеталиштето, од споредните улици и од дворовите на приватните куќи, околу 17.30 часот, полициските службеници забележаа движење и приклучување на групи верници. Иако, имаше обид на полициските службеници да се спречи нивно ефективно вклучување во поворката на што наидоа од вербална реакција и негодување од граѓаните, таа појава не беше возможно целосно да се спречи со поригорозна полициска интервенција поради можноста од пожестока реакција на верниците и ескалација на ситуацијата. Напоменуваме дека за разлика од минатогодишната литија каде имаше околу 10.000 верници, годинава регистрирано е присуство од околу 300 лица, велат од полицијата.

ОВР Струга информира дека натамошните мерки за целосна реализација на случајот ги води во координација со надлежното ОЈО, а една од првите задачи е повторно средба со надлежните во црквата „Св.Ѓорѓија“ со цел идентификување на евентуални организатори на непредвиденото и ненајавеното приклучување на групите верници по што ќе бидат поднесени соодветни пријави.

-Во расветлувањето на настанот, целосно е вклучен и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, информира ОВР Струга.

Поврзани новости