На свечена седница на Советот на Општина Струмица, која се одржа завчера во големата сала на Домот на културата „Антон Панов“ беа доделени традиционални награди на заслужни граѓани и институции, кои со својата работа оставиле значителен печат во развојот и културниот живот на градот.
Наградата за животно дело постхумно му припадна на легендарниот пејач Гоце Арнаудов, а ја прими неговата сопруга Силвија, која кажа дека Гоце бил дел од животот на секој струмичанец.
– Каде и да одеше, најсреќен беше дома, во Струмица, со своите струмичани, кажа Силвија Арнаудова.
Арнаудов, кој важи за македонска фолк легенда, почина пред 13 години, по кратко боледување. Започнал да се занимава со музика уште како дете, а откако завршил средно училиште ја формирал групата ,,Крик”. Со неа долг период настапуваше низ Југословенските републики.
Кога се врати во Македонија, на почетокот на деведесеттите години на минатиот век, за кратко ја освои публиката со своите енергични и емотивни настапи и во тек на животот доби над 60 први награди на разни фолк фестивали.
Остави богата ризница со народна музика, и дури пет пати беше прогласен за најпопуларна личност на Македонија.
Во малиот Градски парк во Струмица, во негова чест е поставен неговиот споменик, а на почетокот на декември во Домот на културата ,,Антон Панов” во Струмица се одржа концерт во негов спомен.
Вики Клинчарова