Струмица не се откажува од Северина: Пејачката по втор пат ѕвезда на СОФ!

by fokus

Деновиве во тек е осмиот по ред Струмица Опен Фест, настан исполнет со интересни содржини од областа на спортот, музиката и уметноста.

СОФ започна на 9-ти јуни со полумаратонот Струмица на улица. Се одржаа поетски вечери, вечер на афоризми, велосипедски тури, вежби во парк, трка на келнери…Но, настаните кои што привлекуваат најмногу публика од земјава и регионот се концертите на познатите Балкански и домашни музички ѕвезди.

Годинава како најзвучни имиња кои ќе ја забавуваат публиката се Северина, Жељко Самарџиќ, Горан Бреговиќ, Мирза Селимовиќ, Дарио, Слаткар, Бени и Нон Стоп, 2 Бона и други.
Концертот на Жељко Самарџиќ ќе се одржи на 16-ти август.

Наредниот ден ѕвезди на вечерта ќе бидат Северина, Бени и Нон Стоп и Дарио, а свои настапи ќе имаат и познати диџеи.

Хрватската пејачка Северина беше главна ѕвезда на СОФ и во 2013 година. Тогаш таа заврши во болница во Струмица, поради силна болка во окото. Од дома бил повикан специјалист, офтамолог, кој утврдил дека на пејачката и влегло поголемо парче прашина во окото, по што истото било отстрането. Струмичките медиуми детално известуваа за настанот кој беше актуелна тема во градот.
Неколку часа по интервенцијата, таа настапи пред преполниот плоштад. Најверојатно, задоволни од нејзиниот настап пред шест години, струмичани повторно се решиле да ја поканат и годинава да им пее на фестивалот.

На 18-ти август концерт ќе одржи Горан Бреговиќ и Бјело Дугме, исто така ќе настапат и Мирза Селимовиќ и 2 Бона.
Секоја година, за време на одржувањето на фестот хотелските капацитети во градот се исполнети.

Покрај гостите од земјава, најчесто доаѓаат посетители од соседна Бугарија, со организиран превоз.
Покровители на настанот се Општина Струмица, Министерство за култура и Македонски Телеком. Поддржувачи на истиот се и голем број на приватни компании.

Вики Клинчарова

Поврзани новости