Граѓаните на Струмица, во сабота на 1 февруари, ќе протестираат заради отровниот воздух што го дишат. Жителите на градот, кој зимава имаше на двапати надминување на прагот на алармирање заради лошиот квалитет на воздухот, ќе маршираат низ струмичките улици како израз на граѓанско незадоволство од упорното нерешавање на проблемот со загадувањето, заради кое Струмица високо котира на листата на најзагадени градови во Европа.
Како што информираат организаторите на протестот, граѓанската организација „Здрава Котлина“, маршот ќе започнe во 11 часот во паркот кај Домот на АРМ, а ќе заврши пред зградата на општина Струмица. Тука, граѓаните ќе ги упатат своите барања до локалните власти во форма на конкретни мерки, за кои ќе бараат исполнување.
„Пресудно е да се врши јавен притисок и тоа е најефективно во отсуство на резултати кои со години ги чекаме да стигнат. Она што досега добивме се полни болници и жални вести. Струмица не смее да остане седми најзагаден град во Европа и тоа зависи од сите нас,“ велат од „Здрава Котлина“ и нагласуваат дека протестот е граѓански, а сите партиски одбележја ќе бидат отстранувани од редарите.