Стручниот тим на Археолошкиот музеј до екс директорката: „No woman no cry”

by Fokus

Стручниот тим на Археолошкиот музеј на Македонија реагира на интервјуто на поранешната директорка на Археолошкиот музеј, Весела Честоева на телевизија Нова, која според нив искажала многу невистини. Нивната реакција ја пренесуваме во целост:

Во интервјуто дадено на Телевизија Нова на 22.07.2017 година, поранешната директорка на НУ Археолошки музеј на Македонија, Весела Честоева, искажа низа невистинити и некоректни ставови за кои сметаме дека јавноста треба да добие соодветен одговор. Како стручни лица вработени во оваа матична, најзначајна (и најстара!) музејска установа во Република Македонија, чувствуваме одговорност и морална должност како кустоси да го искажеме својот став за неколку изнесени невистини од страна на гореспоменатата личност.

1. Археолошкиот музеј на Македонија, кој сега како седиште ја користи белата зграда на Вардар, е формиран во 1924 година, и претрпувајќи преселби во повеќе објекти, постојано ја извршувал својата примарна дејност – да собира, чува и презентира движен археолошки материјал во текот на 93 години (речиси цел век). Тоа значи дека Археолошкиот музеј не е „основан“, односно „направен“во 2012 година од страна на една личност, која очигледно незнаејќи, си ги присвојува резултатите на високопрофесионалната работа изведена од страна на неколку генерации археолози.

Музеј не се „прави“ за неколку месеци или за неколку години, особено не национален археолошки музеј. Moже да се каже дека новата зграда за Археолошкиот музеј е направена во 2012година (инаку крајно проблемантичен проект по повеќе основи невиден во светски размери, каде меѓу друготомузеј дели зграда со други институции).Само за информација на г-ѓа Честоева: основач на „објектот“ (како што таа го нарекува Археолошкиот музеј) е државата – Република Македонија, а таа би требало да има чест што била назначена да раководи со една од најстарите институции во државата, која во своето минато преживеала и неколку војни и окупации.Со ваквата изјава, поранешната директорка само ја потврди својата (не)компетентност во археологијата и непознавања за историјатот на една волку значајна институција, а при тоа раководела со истата цели 5 години.

Музејот не го прави музеј само зградата. Музејот се предметите кои се чуваат и се изложени во него. Постојаната археолошка поставка, која брои огромен број музејски експонати, ја создадоа надлежните кустоси кои работат на 20 музејски збирки, некои од нив речиси во текот на целиот свој работен век, значи по повеќе од 25 години. Во конципирањето на новиот Археолошки музеј како институција акцентот беше ставен токму на зградата и на ентериерот: „паркетот на таванот“ и мермерот кој (ќе) се „бањаше во светлина“, а поставката беше претставена како „полнење на витрините“. Создавањето на содржинската концепција на постојаната поставка во својата основа е резултат исклучиво на врвната професионалност на кустосите, а не на ефикасноста на (тогашното) раководно лице.Во таа насока би сакале г-ѓа Честоева јавно да искаже колкаво е нејзиното искуство во археологијата и музеологијата пред да стане раководно лице на Археолошкиот музеј?

2. Стручниот тим од кустоси во НУ Археолошки музеј на Македонија има долгогодишно теренско и музеолошко искуство, создавано во текот на повеќе децении и во својот состав брои четири доктори на науки и десет магистри на науки (вклучувајќи го и актуелниот в.д. директорм-р Горан Санев). Во таква ситуација, претходно овластеното лице в.д. директорм-р Владимир Атанасов во својот многу кус мандат од неполн месец (а со работно искуствоод нецели 3 години,како водич низ постојаната поставка) склучи договор со г-ѓа Весела Честоева (со веќе изминат директорски мандат) за раководител на секторот за стручни работи, а во тоа време невработена во Археолошкиот музеј на Македонија.

Ова зборува за политиката која раководното лице во тој период ја има и од целиот стручен кадар со кој институцијата располага, ја избира токму г-ѓа Весела Честоева и ја вработува на определено време од една година со плата (утврдена во огласот распишан од г-ѓа Честоева), која е повисока од директорската плата.Крајно некомпетентнатаКомисија за избор на Честоева во раководител на секторот за стручни работи, беше составена од два водича и кустос со многу мало работно искуство во музејот (помало од 3 години). За чија и каква стручност зборува г-ѓа Честоева? Или би ја употребиле фразата „законот дозволува“? Во секоја професија, па така и во нашата, има нешто кое се нарекува професионална етика… иако таа како одамна да е заборавена во нашата средина. Во таа смисла навистина не е јасно како Комисијата се справи со документот за познавање на англиски јазик на кандидатката, знаејќи го нејзиното „познавање“на англискиот јазик.

3. Изложбата на теракотните икони од Виница во музејот Ашмолеан во Оксфорд, Велика Британија не би значела прво претставување на овие уникатни археолошки предмети надвор од Македонија. Напротив, тие се одамна познати на светската јавност благодарение на огромниот број публикации и изложби во: Експо во Лисабон, Париз, Варшава, Мелбурн, Рим, Ватикан, Белград, Утрехт, Минхен, Лајпциг,Мелбурн, Москва, Загреб, Љубљана, Белград и др., кои ги организирал и реализирал Археолошкиот музеј од осумдесеттите години од минатиот век наваму (значи пред појавата на Честоева и нејзината грижа за меѓународната презентација на археолошкото културно наследство).Така сосема е нормално секоја музејска куќа во светот да сака да ги покаже пред својата публика овие археолошки предмети. Не е коректно во изјавите на г-ѓа Честоева да се споменуваат лица кои се професионалци во својата дејност надвор од Р.Македонија и да се зборува дека СЕГА тие за првпат ги виделе и се одушевиле од нашите теракотни икони, исклучителни предметикои се познати на стручната јавност повеќе од три децении! Во оваа насока би било чесно од страна на г-ѓа Честоева да објасни од кои „стручни лица“ ги формираше „стручните“ тимови со кои таа патуваше и ги склучуваше договорите за „проектите“ со кои ги претставуваше Археолошкиот музеји Република Македонија.

4. Искажани беа и лаги околу нејзиното наводно „успешно“ раководење со Археолошкиот музеј, како што се бројот на посетители, или безбројните гостувачки изложби (кои освен „Античките мозаици од Равена“) можат да се набројат на прстите од една рака. Посебно беше истакнат проектот на детското едукативно катче, кое неколку пати беше отворано и промовирано, а за жал сеуште не профункционира (нема ниту вработен кој би работел иби го водел ова катче). Сѐ на сѐ изнесувањето на овие невистини беше од популистичка природа, во насока на добивање политички поени пред јавноста, со своето прикажување на политичка жртва и измислување низа бројки и проекти кои, за нејзина несреќа, може лесно да се проверат.

Стручниот тим на Археолошкиот музеј на Македонија ѝ посакува многу здравје и брзо опоравување на г-ѓа Честоева со растафаријанскиот хит“No woman no cry” од Боб Марли.

Стручен тим на НУ АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА

Поврзани новости