Кавадарчани се во шок и неверување, откако СВР Велес соопшти дека е притворен Благој П. шеесет и седумгодишен тренер по стрелаштво, откако претходно бил пријавен во полиција за полов напад врз 13-годишно девојче, кое што било негова ученичка во клубот на стрелци СК ,,Кавадарци’’.
Благој, кој што потекнува од угледно семејство во градот, и кој што е татко на наша истакната спортистка, целиот свој живот го посветил на стрелаштвото и бил тренер на многу генерации на стрелци во Кавадарци. Токму затоа, обвинението дека вршел полови дејствија во рок од три месеци врз ученичката, негови поранешни ученици и членови на клубот го дочекале со неверување и сметаат дека тој е неправедно обвинет:
„За чичко Благој, како што си го викаме ние стрелците од СК,,Кавадарци’’, можеме да кажеме само најпофални работи. Ние пораснавме со него, го познаваме повеќе од 20 години, тој за сите нас беше и е втор татко –
Секогаш ведар, расположен, коректен, професионален, со татковски совети, тој сите овие години ни даваше поддршка не само во спортот, туку и во животот. Со преголема љубов и посветеност кон стрелаштвото, тој во спортските кругови важи за еден од најдобрите ментори и тренери во државата. Низ неговата школа минаа генерации деца, младинци, сениори. Никогаш никој не се пожалил на нешто од него, на некакво недолично однесување. Секогаш строго професионален, културен, човек за почит.
Тој створи државни прваци, олимпијци, од нас направи успешни спортисти. Едвај чекавме да одиме на тренинг, се дружевме, се смеевме, тоа беше нашето најубаво време. Често патувавме и уште патуваме на натпревари низ државата, Балканот, европските земји, тоа е дел од нашиот спорт. Нашите родители без проблем не доверуваа на него по неколку дена кога одевме во странство, зошто и тој ни беше исто како нив, како прав родител. Се грижеше дали сме сити, жедни, одморени пред натпреварите.
Затоа сето ова што е кажано, обвинението против него, некако не одговара со оној човек кого ние со години го познаваме. Сите погрдни нешта што беа кажани за него немаат смисла, затоа сите ние стрелците и управниот одбор на клубот: И. Милков, Н. Илиев, А.Колева, Ц. Дојчинова, Е. Апостоловска Митрев, Н. Апостоловска, С.Темелкова, А. Танев, и сите останати членови му ја даваме нашата поддршка на нашиот тренер Благој. Веруваме дека се работи за лажно обвинение и клевета’’ – тврдат во заедничка изјава стрелците од Кавадарци.
Тие додаваат дека повеќето од нив влегле во клубот, кога биле девојчиња на дванаесет, тринаесетгодишна возраст, а сега се возрасни жени со семејства, и никогаш немале никаков проблем, ниту пак најмал сомнеж околу намерите на нивниот тренер.
Велат дека се загрижени за неговото здравје, поради фактот што е дијабетичар, и апелираат да биде пуштен во домашен притвор, бидејќи според нив, тој е еден сосема безопасен човек и нанесена му е голема неправда.
,,Сакаме да потенцираме дека чичко Благој е приведен само со една изјава на девојчето, во која што тоа изјавило дека тој ја гушнал и ја бакнал два пати, во тек сме со целиот случај. Значи нема никаков полов напад и силување, без никакви докази. Девојчето е нов член во клубот. Што го натерало да лаже и кој е мотивот за неговата лага, ќе чекаме да се докаже на суд’’ – тврдат стрелците.
Вики Клинчарова