Во денешната објавена пресуда на Европскиот суд за човекови права се утврдува дека во случајот на лустрираниот судија Ивановски постои повреда на членот 6 и членот 8 од Европската конвенција за човекови права, пренесе порталот Академик.
Трендафил Ивановски до Европскиот суд за човекови права се жалел дека лустрациските постапки не биле фер и дека му биле нарушени неговиот углед и достоинство.
Понатаму, Ивановски се жалел дека во постапките немало еднаквост на оружјата, немал доволно време да ги подготви аргументите, како и дека не му бил овозможен пристап до досиејата.
Во однос на наводите на Ивановски, Европскиот суд за човекови права смета дека постоела повреда на членот 6 и членот 8 од Европската конвенција за човекови права, пресудувајќи дека лустрациските постапки не биле фер и дека му било нарушен угледот и достоинството на Ивановски. Според пресудата, државата на Ивановски треба да му исплати отштета од 5, 350 евра.
-Не ми е битна паричната надокнада туку ми е битно дека случајот е добиен и дека една неправда е исправена. Важно е дека по 5,5 години една борба е завршена и како Давид успеав да го совладам Голијат. Врвот на шилото, како што рече премиерот Груевски еве сега излезе на виделина дека мене образот ми е чист, а дали нему му е чист ќе видиме, изјавил Ивановски за НОВА.