Советот на Европа соопшти дека Комитетот на министри официјално одлучил да ја исфрли Русија од телото за човекови права, што е прв пат земја-членка да биде исфрлена од групата. Советот на Европа, со седиште во Стразбур, во соопштението пишува дека едногласно усвоил предлог „со кој се смета дека Руската Федерација повеќе не може да биде земја членка на Организацијата“.
-Од 25 февруари, војната што ја води Руската Федерација против Украина сигнализираше отворање на нова фаза во европската историја. Руската Федерација избра регресивна присила наместо дијалог за да ги унапреди своите надворешнополитички цели. И покрај тоа што е постојана членка на Советот за безбедност на ОН, таа избра агресија, поткопувајќи го мирот и безбедноста. Го прекрши Статутот на Советот на Европа и обврските што ги презеде откако стана членка на Организацијата. Во заедничкиот европски дом нема место за агресор. Во своето мислење согласно Статутарната резолуција (51) 30, Собранието треба да го повика Комитетот на министри да побара Руската Федерација да се повлече од Советот на Европа“, стои во заклучокот донесен во Стразбур.
Одлуката доаѓа еден ден откако Русија покрена постапка за излегување од Советот, што значи дека „Руската Федерација по 26 години членство, од денеска престанува да биде членка на Советот на Европа“.
-За да може Руската Федерација да се врати како членка на Советот на Европа на еднаква основа со другите, неопходна е длабока промена. Прекршувањата на меѓународното право и прекршувањето на довербата предизвикано од оваа агресија се толку сериозни што, доколку Русија сака да биде членка на Советот на Европа, треба да поднесе нова апликација и да ја покаже својата посветеност на демократијата, човековите права и владеењето на правото“, порачаа од Стразбур.
Советот на Европа ја суспендираше Русија на 25-ти февруари, еден ден откако ја започна инвазијата врз Украина. Денес, и официјално е тргнато знамето на Русија пред СЕ.