Шест месеци како во земја да пропаднаа мајка и ќерка од Куманово. Непозната е судбината на Сабина Сабединовска (32) и нејзината ќерка Елиф Идиќ (7), со кои семејството го имало последниот контакт на 24-ти август лани, а официјално во полиција исчезнувањето го пријавиле на 9-ти септември.
Нема трага ниту од партнерот на Сабина, Дехран Камберовски (42), кој последните месеци пред да исчезнат мајката и ќерката живеел со нив.
За него, чичкото на Елиф, Шабан Идиќ од Куманово, раскажува дека бил насилен со Сабина, и семејството стравува од најлошото. Вели дека живеат во неизвесност и стравуваат дека Сабина и Елиф можеби веќе не се ниту живи.
За „Фокус” тој раскажува дека половина година трае нивната агонија, и веќе не знае каде да се обрати за помош.
– На почеток, кога го пријавивме исчезнувањето, имавме контакт со надлежните служби. Но, како што минува времето, никој повеќе ниту ни се јавува, ниту пак имаме било каква информација за истрагата, дали се дознало нешто ново. Неодамна бев во полиција да прашам, ме прашуваат за кој случај сум дојден. Веќе и тие ги заборавиле Елиф и Сабина…
Дали ќе беше вака доколку стануваше збор за видни луѓе, за дете и жена на некој бизнисмен, политичар… Разочарани сме! – вели чичкото.
Таткото на Елиф живеел и работел во Германија и бил разведен со Сабина. Се вратил во земјава во декември, а потоа повторно заминал во Германија. И тој барал информации, апелирал на социјални мрежи, но не успеал да дознае ништо што би помогнало во пронаоѓањето на ќерката и нејзината мајка.
– За Дехран, кој беше дојден во Куманово од Србија и чуваше овци, знаеме дека беше насилен со Сабина. Откако почина мајка и, тој замина да живее со неа и со Елиф. Токму поради неговата насилна природа, ние помислуваме и на најлошото. Дали тие се живи? Ако се живи, каде се? Елиф постојано беше со нас, таа ќе најдела начин да ни се јави… Требаше да тргне на училиште во септември. Сабина не би дозволила вакво нешто, не би заминала со девојчето туку така, и секоја грижа ни е оправдана. Без пасоши, како би можеле да заминат од земјава? Ако се во земјава, како тоа никој никаде да не ги забележал досега, кога нивните фотографии постојано ги објавуваме на социјалните мрежи и во медиуми? Премногу прашања на кои немаме одговори, а времето си минува и случајот паѓа во заборав – раскажува Идиќ.
Очаен е, и вели дека во случајов кога се работи за исчезнато дете, очекувал на сите национални телевизии да се објави веста, да се објавуваат нивните фотографии, и масовно да се алармира јавноста.
Од МВР за „Фокус” потврдуваат дека мајката и ќерката не се пронајдени и се водат како исчезнати. Исто така, не е пронајден ниту Дехран Камберовски, по кого бил распишан централен распис.
– На 09.09.2022 година во 14.30 во СВР Куманово, И.Н.(59) од Скопје пријавил дека неговата внука С.С.(32) од Куманово заедно со нејзината малолетна ќерка Е.И. пред околу 15 дена се оддалечиле од својот дом во Куманово и не се достапни за контакт. Полициските службеници од СВР Куманово веднаш започнале со извршување на проверки и биле известени сите надлежни органи.
Извршени се проверки на терен и разговори со повеќе лица од семејството, по што се известени сите гранични премини во државата, но не е евидентирано дека С.С. и нејзината ќерка ја напуштиле државата и се водат како исчезнати.
Од нивното исчезнување се трага и по невенчаниот сопруг на С.С., Д.К., српски државјанин, без пријавен престој во Република Северна Македонија.
По него е распишан централен распис и во координација со Јавен обвинител полициските службеници од СВР Куманово интензивно работат на пронаоѓање на сите овие лица за целосно расчистување на случајот – соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Вики Клинчарова