После ковид пандемијата која две години учениците ги држеше затворени, сега дојде нова „епидемија“ на секојдневни дојави за поставени бомби. Учениците немаа време да се соземат од постојаниот стрес, страв и ограничувања што ги наметна ковидот, дојде нов стрес и вознемиреност.
Професорката на Институтот за социологија, Татјана Стојаноска Иванова за „Фокус“ го објаснува психичкиот и социјалниот момент низ кој минуваат учениците, но и тинејџерите соочени со секојдневните закани за бомби.
-После пандемијата треба временски период младите, тинејџерите, адолесцентите, да се вратат на оние емоции позитивни, на онаа комуникација која ја имаа пред пандемијата. Тие беа соочени со континуиран стрес и страв, грижа за сопственото здравје и здравјето на најблиските, значи со емоции кои изнедруваат негативни емоции и комуникација меѓу себе која е далеку од општествено посакувана и добра и правилна. На сето ова се накалемува нов стрес и страв, а тоа се дојавите за бомби, каде наместо да се канализира сето она што претходно значело исплив на негативна емоција, напротив, сега се надградува и наместо позитивни чувства кај децата се уште доминира вознемиреност, страв и стрес, објаснува Стојаноска Иванова.
Освен стравот и стресот на учениците им е скратено правото на нормално образование и воспитуање. После онлајн наставата за време на пандемијата која остави празнини во сознанијата на наставните програми, сега не може да се надополни изгубеното, зашто наместо во училиште, учениците се евакуираат и чекаат МВР да провери дали навистина има бомба внатре.
–Со право може да се каже дека нема да се усвои фондот на знаења кои се потребни по соодветните предмети, нема да може да се развие дебата и дискусија за значаен општествен феномен и на тој начин да се поттикне сознајниот механизам и критички дискурс кај децата, нема да има можност да се отворат некои нови теми и дилеми кои се дел од образовниот курикулум, а кои би им дале дополнителни знаења и развојни компоненти на учениците, вели професорката.
Цела оваа ситуација влијае создава и проблеми со вредносниот кодекс и морални дилеми, децата се збунети, доаѓа до морален вакуум, вели професорката, па дури и до морална двојба дали одговорноста, навременоста, довербата, систематичноста, почитта, се клучни вредности кои се општествено посакувани, бидејќи она што го гледаат во праксата им покажува една поинаква слика.
-Како ќе ја стави довербата на пиедестал на врвна вредност доколку гледа дека одредени институции каскаат со решавање на проблемите и кон нив довербата е минорна, како ќе сфати што е одговорност кога одредени лица не ја понесуваат за своите дејанија. Многу морални дилеми пред нив се излезени и ги предизвикуваат и тука ќе имаат проблем во нивно решавање, бидејќи целокупниот општествен контекст не им помага во тоа, додава Стојаноска Иванова.
Стравот дека можеби на јавно место не се безбедни, ја намалува можноста во дружење во групата на врсници, а сето тоа ќе остави последици по нивното понатамошно комуницирање, дел од нив ќе развијат индивидуализам, егоизам како факт што ќе бидат осамени, без можност за контакти во живо.
-Кај дел ќе се јави сомнеж во институциите на системот и недоверба која потешко подоцна ќе се изгради, кај дел стресот, стравот, губење на самодоверба ќе остават последици. Не смееме да дозволиме да имаме изгубени генерации, час поскоро треба да најдеме системско решение кое ќе ги изведе децата на прав пат, порачува професорката.
Властите денеска излегоа со информација за нов протокол со којшто ќе се обезбеди сигурна и редовна настава и покрај заканите за бомби.
Полицаец пред секое училиште, заклучени школски влезови, забранет влез во училиштата за сите, освен за ученици и наставен кадар, но и многу брза безбедносна проверка при дојава за бомба за да не се наруши редовната настава. Сепак деталите за овие насоки родителите точно ќе ги знаат во понеделник.
Ф.Ф.С.