Најмалку 11 рудари загинаа во експлозија на гас во шест поврзани рудници за јаглен во централна Колумбија, а уште десет се затрупани, соопштија денеска локалните власти.
Експлозијата се случила синоќа доцна навечер во руралната област Сутатус, околу 75 километри северно од главниот град Богота.
„Луѓето се заробени на длабочина од 700 до 900 метри“, изјави гувернерот на провинцијата, Никола Гарсија, пренесе Ројтерс.
Во спасувачката акција биле вклучени повеќе од 100 лица, а две лица биле извлечени, додека седуммина без ничија помош успеале да побегнат од рудникот.
– Со сите сили се обидуваме да ги спасиме луѓето кои беа живи закопани заедно со провинциската влада на Кундинамарка. Им изразувам поддршка на семејствата на жртвите – објави претседателот Густаво Петро на Твитер.
Рудниците имаа дозвола за работа, соопшти Државната рударска служба.
Во Колумбија, во јуни 2010 година се случи голема несреќа кога 73 рудари загинаа во експлозија во рудник во северозападниот дел на земјата.