Соединетите aмерикански држави наредија делумна евакуација на нивната амбасада во Нигер по минатонеделниот државен удар.
Стотици странски државјани веќе се евакуирани од земјата, а во неделата демонстрантите ја нападнаа француската амбасада.
Лидерот на пучот, генерал Абдурахаман Чиани, предупреди дека е против „какво било мешање во внатрешните работи“ на земјата.
Нигер е значаен производител на ураниум и се наоѓа на клучна миграциска рута кон Северна Африка и Медитеранот.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен разговараше со соборениот претседател Мохамед Базума во средата, соопшти Стејт департментот, додавајќи дека САД се посветени на враќањето на демократски избраната влада на Нигер.
Портпаролот Метју Милер изјави дека и покрај делумната евакуација, амбасадата на земјата во главниот град Нијамеј ќе остане отворена.
„Остануваме посветени на народот на Нигер и на нашиот однос со народот на Нигер и ќе продолжиме да бидеме дипломатски ангажирани на највисоко ниво“, рече тој.
Британската амбасада во главниот град на Нигер, Нијамеј, привремено ќе го намали бројот на вработени поради безбедносната ситуација, соопшти Форин Офисот.
Групата која ги организираше протестите на 30 јули (М62) повика на нови протести во четврток, 3 август, Денот на независноста на Нигер. Протестите може да бидат насилни и ситуацијата може брзо да се промени без предупредување.
Воените команданти се состанаа во Нигерија во средата за да разговараат за можна воена интервенција, иако тие рекоа дека таквата акција ќе биде „последна опција“.
Генералот Чиани, поранешен шеф на претседателската гарда на Базум, ја презеде власта на 26 јули, велејќи дека сака да го спречи „постепениот и неизбежен колапс“ на Нигер.
Пучот предизвика големи демонстрации против Франција и во корист на Русија, чие влијание во Западна и Централна Африка се зголеми во последните години.
Во средата 262 лица пристигнаа во Париз со летови за евакуација организирани од француската влада. Авион организиран од Италија исто така слета во Рим со 87 патници.
Нигер, каде и Франција и САД имаат воени бази, е клучен западен сојузник во борбата против џихадистичкиот екстремизам во Сахел.