Странски туристи во Охрид шокирани од знакот за забрането уринирање во црквата Света Софија!

by Fokus

Црквата Света Софија во Охрид, која е културно наследство од непроценлива вредност за православието во цел свет, секогаш била привлечна за посетителите на Охрид, како едно од највредните културни богатства на Македонија.

Изминативе денови во Охрид, покрај бројните туристи од земјава, дојдоа и повеќе странски групи, кои за време на својата посета на Света Софија, останаа во неверување од истакнатиот знак во црквениот двор – Забрането уринирање во црквата!

Дел од екипата на „Фокус” посведочи на шокот на Англичаните, кои изненадени прашува.

– Зарем и ова го има, со знак да се брани уринирање во свето место? Кој совесен би вршел нужда во двор на црква, на која овој народ треба да биде горд? Тешко да се објасни со зборови, дека ете сепак, и тоа се случува, и кон еден од најзначајните споменици на средновековната архитектура и уметност во земјава, има поединци кои се однесуваат со негрижа и крајно непочитување.

Затоа, знакот стои како потсетник дека навистина има несовесен народ, кој го користел дворот на црквата како јавен тоалет, па надлежните биле принудени да се справуваат со некултурните и дрски посетители на свој начин, во случајов со јасно истакната порака која ја руши сликата за неверојатниот историски локалитет. Како потсетување, на почетокот на месец август, црквата Света Софија доби и физичко обезбедување, откако јавноста реагираше на недолично однесување на млади посетители во вечерните часови во предворјето на храмот.

Дворот беше затрупан со празни шишиња, влажни марамчиња и купишта ѓубре, по што секое утро екипи на ЈП Охридски комуналец, но и совесни граѓани го собираа сметот кој несовесните посетители го оставаа зад себе во тек на ноќта.

За да се подигне свеста на народот, покрај знакот за забрането уринирање, истакнати се и повеќе знаци за забрането фрлање на ѓубре во црквата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости