Од сите деведесет советници на поранешниот премиер Никола Груевски најголеми надоместоци од неколку илјади евра од државниот буџет примале странските советници.
Според информациите што ги објави владата, Словенецот Марјан Хрибат му бил надворешен советник на Груевски за прашања поврзани со туризмот за сума од 2.500 евра месечно.
Американецот Џорџ Пери, пак, кој му бил надворешен советник на поранешниот премиер во владата на ВМРО-ДПМНЕ за привлекување на странски инвестиции добивал 5.000 долари месечно.
Но, за странски инвестиции Груевски го советувал и Александар Никовски, син на поранешниот амбасадор Ристо Никовски, кој за оваа услуга добивал 3.000 евра месечно.
Понатаму, Бртитанецот Колин Џефри, кој неодамна почина во еден скопски хотел, добивал 4.000 евра месечно, советувајќи го премиерот за инвестиции.
Нешто поинаков аранжман имал Израелецот Џошуа Глајтман, кој добивал 25.000 долари на годишно ниво како советник на технолошки развој и иновации, плус дневници и патни трошоци.