Северна Македонија организира парламентарни избори, во време на алармантен раст на бројот на случаи на заболени од корона вирусот во оваа мала балканска нација, наведуваат странските медиуми во своите осврти на гласањето во земјава.
Медиумите потсетуваат дека од јануари со земјава раководи техничка влада, откако водечките партии се договорија за одржување на предвремени избори по одлуката на ЕУ во октомври минатата година да не одреди датум за старт на преговорите за членство со Северна Македонија.
Грчки „Катимерини“ наведува дека во такви услови Парламентот избра привремена влада составена од членови на двете најголеми партии, со единствена цел да ги организира изборите, кои првично беа закажани за 12 април, но беа одложени поради пандемијата на Ковид-19 и презакажани за в среда 15 јули.
– Ова е првпат едни избори да се одржуваат во работен ден. Изработени се посебни протоколи за оние кои се во карантин заради вирусот. Тие можат да гласаат в понеделник, при што членовите на избирачките одбори и медицински тимови ги носат гласачките кутии до нивните домови. Од околу 5.000 луѓе кои се во карантин, за гласање се пријавиле нешто над 700. Затворениците, старите лица и болните гласаат во вторник, додава „Катимерини“ во својот осврт.
Кинеската државна агенција Синхуа наведува дека здравствените власти потврдиле оти гласањето ќе биде безбедно и покрај зголемениот број нови инфицирани и жртви на Ковид-19 регистрирани во земјата во последните денови.
– Според препораките дадени од Комисијата за заразни болести, луѓето ќе треба да одржуваат дистанца на избирачките места, да користат средства за дезинфекција пред и по гласањето и да носат заштитни маски за време на процесот. Изборниот молк, период кога е забранета кампања на политичките партии, започна на полноќ. Заради ситуацијата со Ковид-19, луѓето можат да го дадат својот глас во понеделник, вторник и среда, потенцира агенцијата.
Порталот Бизнис Њуз Јуроп (БНЕ) со седиште во Берлин оценува дека меѓу граѓаните во земјава нема преголем ентузијазам околу изборите поради стравувањата од „навидум незапирливата епидемија на корона вирус“ и нејзините економски и социјални последици.
– Бидејќи зафати жешко време многу луѓе ги напуштија своите домови во главниот град Скопје и заминаа во нивните родни места или одморалиштата крај езерата, па прашање е колкумина ќе бидат мотивирани да се вратат во градот да гласаат. Луѓето генерално се разочарани од целокупната состојба и не постои ентузијазам дури и меѓу силните поддржувачи на една или друга партија за овие избори, смета БНЕ.