Девет дена поминаа од исчезнувањето на Миле Тодоров (28) од Неготино, а потрагата по него продолжува и денес. Судбината на младото момче е непозната откако на 30-ти јануари наутро од Кавадарци пеш тргнал кон Неготино, според претпоставки на неговите блиски. Телефонот му беше пронајден покрај реката Луда Мара, во близина на Три багрема, на пат помеѓу Кавадарци и Неготино.
Неговата сестра Марија за „Фокус“ вели дека и денес полициски екипи засилено трагаат по него. Освен што е проверено речното корито на реката Луда Мара и целата околина, се провериле и канали кои се протегаат од Сопот до Марена, но немало никаков траг од Тодоров.
Во потрагата беше вклучен и хеликоптер, присутни беа и стручни екипи за потрага во вода, како и бројни јавни служби и доброволци.
– Стотици прашања ни останаа неодговорени. Како, зошто, каде е, како може возрасен човек туку-така да исчезне, никој ништо да не види, да не знае… Немаме никакви дојави, никој не го видел веќе цели девет дена.
Се работи за млад живот, и ние нема да застанеме се додека не се најде брат ми. Нашето семејство минува низ претежок период, благодарни сме на целата јавност и на институциите за помошта и поддршката, а потрагата продолжува.
Уште еднаш апелираме, доколку некој има било какви сознанија за случајот, да пријави во полиција, вели сестрата на Миле.
Инаку, момчето било вработено во приватна компанија во Кавадарци, каде дало оставка утрото пред да исчезне и потоа заминало во непознат правец. Станува збор за млад човек со спортска градба, спортски судија на кик бокс натпревари, кој два дена по исчезнувањето требало да суди на спортски натпревар.
Неговите сограѓани се вознемирени од настанот. Исто така, Неготино е потресено и од смртта на младата дизајнерка Фросина Кулакова, која беше прегазена на пешачки премин во Скопје.
Поради овие случувања, за време на општинската манифестација Свети Трифун, на 14-ти февруари, се откажува забавниот музички дел од одбележувањето на празникот на лозарите.
Вики Клинчарова