Стотици милиони евра пенали и уставни измени по бугарски диктат

by Фокус

Двете теми навидум не се поврзани една со друга, но во суштина се многу поврзани – симболизираат неспособност и криминал споени во едно. Таква е владата на СДСМ и ДУИ, неспособна и криминална. Македонија тоне, економијата се распаѓа, а корупцијата цвета. Затоа, секој што може да замине – заминува

Пишува: Александар НИКОЛОСКИ

Двете теми што ги отворам во насловот на оваа колумна навидум не се поврзани една со друга, но во суштина се многу поврзани – симболизираат неспособност и криминал споени во едно. Таква е владата на СДСМ и ДУИ, неспособна и криминална. Македонија тоне, економијата се распаѓа, а корупцијата цвета, затоа секој што може да замине – заминува.

Изминатава недела ја одбележаа овие два настани – скандалозниот договор што владата на СДСМ и ДУИ го крие од јавноста за баснословни пенали што државата треба да ги плаќа, како и одбивањето да се прифати т.н. „хрватски модел“ и јасното признание дека уставни измени сакаат да прават исклучиво по бугарски диктат.

ПРОМЕНА НА РАБОТНОТО ВРЕМЕ

Доколку законски не се измени работното време, односно од 40 часа неделно не се зголеми на 60 часа, тогаш државата ќе плаќа пенали од три вида кон „Бехтел“, еднократно 53 милиони евра, секој месец 1 милион 265 илјади евра на веќе постојни трошоци што треба да се платат во договорот и дополнителни 900 илјади евра.

Доколку во рок од 45 дена по потпишувањето на договорот не се зголеми работната недела, значи владата во име на собранието презела обврска, иако во уставниот поредок е обратно, Собранието ја избира владата, во тој случај ќе се плаќаат пенали од три вида.

Прво, еднократно државата ќе му исплати на „Бехтел“ 53 милиони евра пенали, потоа секој месец ќе доплаќа по 1 милион и 265 илјади евра на постојните трошоци што треба да се платат во договорот, или вкупно месечно 4 милиони и 185 илјади евра, и на ова дополнително уште 900 илјади евра секој месец.

Значи, еднократно 53 милиони евра и секој месец за промена на работното време од 40 на 60 часа.

И второ доколку ова не помине, се обврзале дека на секоја делница ќе даваат по дополнителни 6 месеци рок на изведба. Така што тие 5 години што беа споменувани дека ќе се завршат, доколку има 5 делници, тоа значи дека ќе бидат 7 и пол години.

ПРЕАМБУЛА СПОРЕД ХРВАТСКИ МОДЕЛ

Збор два и за обидот за уставни измени.

Долго време во јавноста се зборува дека е потребно европско решение на проблемот што Македонија го има во однос на европските интеграции. И долго време двете владејачки партии СДСМ и ДУИ зборуваа дека Хрватска може да е пример што може да се следи.

И ние за тоа велиме, доколку Хрватска е модел што може да се следи, дајте да ја копираме преамбулата од хрватскиот Устав и јасно да напишеме дека Македонија е национална држава на македонскиот народ, во која, исто така, живеат и националните малцинства и да се набројат сите национални малцинства што се појавуваат во пописот.

Мислам дека по 30 години порази на македонскиот народ од промена на знамето, преку двапати промена на името и неколкупати промена на Уставот, време е и другите политички субјекти во Македонија да видат на свој грб како е да се прават национални отстапки, пред сѐ, тука мислам на политичката партија ДУИ, која 20 години ги ужива плодовите на власта, и нешто конечно да добијат Македонците, а тоа е дека ова е национална држава на македонскиот народ.

Тоа е нашиот предлог, тие претходно го зборуваа, така што не гледам пречка зошто не би се прифатил. Ние, ова што го предлагаме, власта на СДСМ и ДУИ го одбива, со што ја покажува својата дволичност и покажува дека нема волја за заштита на националните интереси. Затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени под бугарски диктат.

Овие два примера покажуваат најдобро дека ова е најлошата влада во историјата на независна Македонија што ја уништува и ја пустоши државата. Тешки ќе бидат годините пред нас, во кои ќе треба да ја креваме Македонија од пепелта во која ја оставаат, потребни ќе бидат најмудрите да помогнат и да направиме јасна стратегија за крај на националните понижувања и корупцијата.

(Авторот е потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости