Стотици мигранти кампуваа во близина на белоруската граница со Полска на многу ниски ноќни температури, а властите предупредуваат дека напнатоста може да порасне следните денови.
Полска ја обвинува Белорусија дека се обидува да предизвика поголем судир со поттикнување на мигрантите да преминат во Полска и Европската унија. Веќе се објавуваат видеоснимки како стотици мигранти се движат кон полската граница во близина на селото Кузница, а некои се обиделе да ја пробијат оградата со лопати и други алати.
Полската полиција денеска објави снимка од мигрантски шатори и логорски огнови од белоруската страна на оградата од бодликава жица.
Полската гранична стража за Ројтерс изјавила дека околу 800 луѓе се наоѓаат на белоруската страна на оградата, а се дел од околу 4.000 мигранти во шумите што се во близина.
Портпаролот на полските специјални сили изјавил дека во Белорусија би можело да има и до 12 илјади мигранти. Полските власти денеска во 6 часот го затворија официјалниот граничен премин со Белорусија во близина на местото каде еден ден претходно се обидоа да се пробијат илјадници мигранти.
Полска објави дека распоредила дополнителни војници и полицајци и дека ноќта поминала мирно иако бил фрлен камен на полициски автомобил.
Тие најавуваат дека тензиите би можеле да се зголемат следните денови и дека во таков случај би можела да се прифати дополнителна меѓународна помош.
Белоруските власти денеска ја предупредија Полска да не „користи провокации“ на границата. Минск и Варшава веќе неколку недели се во спор околу мигрантското прашање, додека ЕУ го обвини белорускиот претседател Александар Лукашенко дека организирал бран мигранти, главно од Блискиот Исток, како одговор на санкциите на ЕУ кон Белорусија поради репресијата врз опозициските демонстранти.
Белоруските власти денеска ги отфрлија тие обвинувања и ја предупредија полската страна да не користи провокации за да ги „оправда можните незаконски воинствени дејствија“ против мигрантите.
Минск ги оцени како „неодржливи“ обидите на Полска да ја префрли одговорноста врз Белорусија „за мигрантската криза на границата“.