Само од Кавадарци имало околу 8.000 лица кои биле вклучени во пирамидалната шема Конти, која е актуелна тема во земјава, откако од пред околу две недели платформата престана да функционира, а голем дел од играчите останаа без своите пари кои ги вложиле.
Но, како што вчера за „Фокус“ раскажа менаџерот на Конти, Александар Димков од Кавадарци, голем е бројот на оние граѓани кои сепак оствариле добивка од играта.
Речиси сите играчи, и оние кои заработиле од оваа пирамидална шема, но и оние кои дури позајмиле пари за да се вклучат, и истите ги изгубиле, засега не се огласуваат во јавност. Некои посрамени бидејќи на таков начин изгубиле пари, а пак некои кои оствариле добивка, по сите случувања, се плашеле да не се отвори истрага, па да треба да ги враќаат средствата кои ги заработиле.
Дел од нив, чиј идентитет е познат на редакцијата „Фокус“, а кои инсистираат да останат анонимни, откриваат дека во Кавадарци изминативе месеци, кога шемата зеде огромен замав, очигледно било дека скокнал и животниот стандард.
Раскажуваат дека граѓани кои заработиле од Конти, купиле автомобили, реновирале дома, започнале да живеат на повисока нога…
Но, имало и стотици случаи кога кавадарчани решиле добивката да ја искористат за поправка на забите, односно за ставање на порцелански заби (коронки), бидејќи во минатото, и покрај здравствениот проблем со забите, не можеле да си дозволат ставање на импланти, чија цена се движи од 50 евра, па нагоре за една коронка.
– Стоматолозите имаа многу работа изминатите месеци во Кавадарци. Сигурно над стотина граѓани, играчи на Конти, ставија вештачки заби, имаше редици пред стоматолошките ординации. Се шегувавме меѓусебно дека ставаме Конти заби.
Жално е да кажеме, но ете, барем некоја корист од пирамидата, оти во денешно време на Македонецот средувањето на забите му е луксуз. Затоа и гледаме на улиците бројни луѓе со расипани заби, треба да имаш пари, за да си дозволиш убави заби!
Да не беа заработките од шемата, многу од овие наши сограѓани, кои сега имаат убава насмевка, уште долго ќе одеа без заби. Реалноста е таа, со нашите просечни плати, кај може човек да тргне на страна по 500 евра, па и повеќе, за да средува заби, вели нашиот соговорник, кој влегол во Конти шемата пред околу пет месеци.
Лично за себе, вели дека на крајот на играта, колку што заработил, толку и изгубил.
– Како еден вид на комар е тоа, колку повеќе добиваш, повеќе се навлекуваш и вложуваш повеќе, купуваш нови пакети кои се се поскапи.
Оние кои прекинаа на време, заработија нешто. Оние пак, кои си ги направија забите, очигледно најпаметно изиграа, барем порцеланските коронки ќе им останат, па кога и да се погледнат во огледало, ќе се сеќаваат на Конти манијата која го зафати градот, низ смеа раскажува нашиот соговорник.
Официјални податоци околу тоа колку пари од граѓаните се излеале надвор од земјава преку апликацијата Конти, се уште нема. Никој не пријавил дека е оштетен, ниту пак засега е поднесена пријава до Секторот за компјутерски криминал, ниту пак до Јавното обвинителство.
Вики Клинчарова