Стотици илјади луѓе на улиците на Техеран – Хамнеи ја предводи молитвата за починатиот претседател на Иран

by Fokus

Стотици илјади луѓе се собраа утрово на улиците на Техеран за да присуствуваат на погребот на иранскиот претседател Ебрахим Раиси и други официјални лица кои загинаа во хеликоптерска несреќа, пренесува ИРНА.

Гувернерот на Техеран – Алиреза Фахари објави дека иранската престолнина е добро подготвена да одржи „величествена“ погребна поворка за да се збогува со претседателот Раиси и другите официјални лица кои загинаа во хеликоптерска несреќа на 19 мај во северозападниот дел на земјата.

Врховниот водач на Иран, ајатолахот Сејед Али Хамнеи ќе предводи молитва за починатиот претседател и неговата придружба на Универзитетот во Техеран, рече Фахари.

Тој додаде дека по молитвата ќе се одржи погребна поворка на релација од Универзитетот во Техеран до плоштадот Азади.

Тридневните погребни обреди за смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси почнаа вчера во градот Табриз во иранската провинција Источен Азербејџан.

Раиси и иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан и други официјални лица загинаа кога хеликоптерот се урна на 19 мај во северозападниот дел на Иран.

Во инцидентот загинаа и двајца телохранители, двајца пилоти и еден член на екипажот, јави ИРНА.

Поврзани новости