Повеќе од 330 американски рабини соопштија дека нема да дозволат членови на екстремно десничарските израелски партии од новата владејачка коалиција на Бенјамин Нетанјаху да зборуваат во нивните синагоги и ќе лобираат да ги спречат да зборуваат пред верниците во нивните заедници.
Во отвореното писмо тие најавија дека нема да ги поканат членовите на партиијата „Религиозен ционизам”, која заедно со „Еврејска моќ” и „Ноам” учестваа на парламентарните избори во Израел, во нивните конгрегации и организации и оти ќе ги повикаат на посветеност на „еврејските и демократските вредности”.
Нетанјаху завчера го соопшти формирањето владејачка коалиција во која партиципираат посочените партии.
Министрите на израелската влада понекогаш зборуваат во американските синагоги, каде бараат поддршка за нивните иницијативи и идеи.
Неколку американски еврејски организации се изјаснија против вклучувањето на екстремистички фракции во израелската влада, додека Нетанјаху преговараше со нив и откако објави дека постигнал договор.
Меѓу противниците на коалицијата беа Лигата против клеветата (ADL), големите нео-ортодоксни движења „Партнери за Прогресивен Израел”, „Џејстрит”, „Американците за мир сега”, кои засега не се изјасниле за формираната коалициска влада.
Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден најави дека за соработката со израелската влада ќе „просудува” врз основа на нејзината политика, а не поединците кои ја сочинуваат