Сторми Даниелс: Добивам смртни закани поради судењето на Трамп

by Fokus

Сторми Даниелс – ѕвездата на филмовите за возрасни открива дека добива „пореметени“ смртни закани од приврзаниците на MAGA (Make America Great Again), кои ги спореди со бомбаши самоубијци, бидејќи на нивниот лидер Доналд Трамп му се суди дека и дал пари да молчи за нивната наводна врска, во пресрет на изборите во 2016 година.

Во интервју Даниелс му рече на Пирс Морган во неговото шоу на Фокс тв „Нецензурирано со Пирс Морган“ дека заканите станаа уште пострашни, бидејќи Трамп може да се соочи со затворска казна доколку судот на Менхетен го прогласи за виновен.

„Тие суштински чувствуваат дека прават нешто добро. Дека се патриоти. И сега тоа го прават во стил на бомбаш самоубиец. Тие искрено, во длабочината на душата, веруваат дека прават нешто добро“, рече Даниелс.

Таа додаде дека и претходно добивала закани поради нејзината работа во порно индустријата, но заканите драстично се зголемиле по веста дека добила 130.000 долари од соработниците на Трамп за да молчи.

Даниелс тврди дека имала афера со Трамп, што поранешниот претседател категорично го негираше.

„На почетокот ми рекоа дека сум лажливка и други навреди“, рече таа за заканите во 2018 година.

Таа рече дека порано една од 100 закани била смртна закана, но сега е една од 10.

На прашањето дали заканите имаа влијание врз нејзиниот секојдневен живот, таа рече дека ја изгубила независноста и дека заканите добиле замав и дека се плаши сама да оди во тоалет.

„Многу сум независна и силна. Пишувам, режирам и се покажав, си ја работев својата, но не сум навикната да одам во тоалет со двајца телохранители“, истакна таа.

Поврзани новости