Зоран Заев, Зоран Верушевски и останатите осомничени во ПУЧ добија решенија од судот дека постапките кон нив се запрени заради одлуката за аболиција донесена од претседателот Ѓорѓе Иванов.
Лидерот на СДСМ, Заев најави дека е поднесена жалба на ова решение и ќе бара укинување на аболицијата.
„Ние од опозицијата поднесовме жалби на овие постапки кои се резултат на незаконската и неуставна аболиција од Иванов која сама по себе претставува преседан да се аболицира сведок, да се аболицира странски државјанин и мал милион други глупости во самиот акт. Правото на правично судење го продолжуваме преку Апелација се до Стразбур користејќи ги членот шест од Европската конвенција коешто најверојатно ќе биде само по себе и преседан, да има вакви процеси во Стразбур некој да е аболициран и да бара тоа да се укине за да добие право на правично судење. Не се откажуваме од правдата, во Македонија мора да ја врати правната држава“, изјави Заев.
Жалбите до Апелација се поднесени, но се уште нема одговор. Заев вели дека со аболицијата „се изедначуваат жртвите и злосторниците“ во општеството.
„Сé уште нема одговор од Апелација. Жалбите се поднесени на моето решение, решението на Верушевски, решението на г-ѓа Верушевска и на сите кои сме вклучени во овој срамен процес на „Пуч“ , а секако и по другите предмети кои се водат против нас. Ова наше општество стана премногу драматично, да се изедначува со некаков акт на аболиција тоа што е жртва и тоа што е злосторник во општеството. Ние тоа нема да го дозволиме до крај, најверојатно сме единствени кои сме ја отвориле оваа постапка по судски и по законски пат, правно формално да ја поништиме аболицијата и актот на помилување на Иванов. Прашањето е дали Груевски, Мијалков, Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска имаат отворено ваква постапка за да покажат и нивна решителност дека се против аболицирањето на Ѓорге Иванов“, рече Заев.