Граѓаните на Кисела Вода имаат можат да пристапат на веб-страницата на општината и да направат увид во секој план, можат да направат увид во сопствената градежна парцела и да проверат што на тоа место е предвидено да се гради. На тој начин градоначалникот Орце Ѓорѓиевски очекува граѓаните да имаат увид што е планирано да се гради, ќе имаат можност да реагираат и со нивна помош ќе ѝ се стави крај на урбаната мафија.
– Кисела Вода мора да биде општина каде што граѓаните ќе одлучуваат за Урбанистичките планови, а не урбаната мафија која, за да ја запреме, потребна ми е и вашата помош. Ве повикувам сите да направите увид во Урбанистичките планови и сите ваши забелешки, сугестии и предлози за измени, дополнувања или укинувања на цели, или делови од плановите да ни ги доставите во рок од 30 дена. Образецот на кој може да ги наведете вашите предлози е достапен на веб-страницата, како и во архивата на општината. Пополнетиот образец може да ни го доставите на revizijadup@kiselavoda.gov.mk, или во архивата во седиштето на општината. Сите поднесени барања ќе бидат разгледани од Комисијата за Урбанизам на Општина Кисела Вода, како и од Партиципативното тело на граѓаните на Кисела Вода и по истите ќе се поведат конкретни постапки согласно законските прописи – истакна Ѓорѓиевски.
Тој потенцираше дека во општина Кисела Вода има точно 53 важечки Урбанистички планови и започната е ревизијата на 34 плана кои беа во различни фази на донесување. Ѓорѓиевски информираше дека ДУП за Градска четврт Ј 20 блок 3, или План за дел од Црниче е стопиран, а по празниците ќе биде спроведена јавна презентација. Стопиран е и планот за Црниче, како и планот за Расадник во кој било предвидено да се градат 99 нови згради.
– Заклучно со февруари 2022 година ќе биде објавен меѓународен конкурс за изработка на идејно решение за ДУП Расадник, по што најдоброто решение ќе го изберат граѓаните на Расадник. По изборот на идејното решение, ќе се пристапи кон изработка на новиот Детален Урбанистички план за Расадник – нагласи Ѓорѓиевски.