Републиканците очекуваа голема победа на изборите во САД што ќе им обезбеди мнозинство во двата дома во Конгресот, но, како што вели во изјава за „Фокус“ поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и министер за надворешни работи Никола Димитров, кој е и поранешен македонски амбасадор во САД, Демократите го стопираа историскиот тренд и се на пат да ја задржат контролата во Сенатот.
–Традиционално, партијата на власт во САД ги губи изборите што се одржуваат на половина од мандатот на актуелниот претседател. Од 1932 година во просек владеачката партија губела 28 мандати во долниот дом и четири во Сенатот.
Годинава, Републиканците очекуваа „црвен бран“ и драстична победа што ќе им обезбеди мнозинство во двата дома во Конгресот, меѓу другото и поради инфлацијата, нивото на поддршка на претседателот Џо Бајден и дополнителните прекројување на изборните единици.
Меѓутоа, Демократите го стопираа историскиот тренд и според последните вести од Невада, каде победува демократскиот кандидат за Сенатот Кетрин Кортез Масто, ја задржаа контролата во Сенатот.
Во Претставничкиот дом, најверојатното сценарио е крајно мала разлика во корист на Републиканците, меѓу едно и три места, но не е сосема исклучена можноста и Демократите да го задржат тесното мнозинство – вели Димитров.
Основната причина за овој исход, додава тој, политичките аналитичари ја гледаат во прашањето на абортусот што стана најголема изборна тема по одлуката на Врховниот суд во јуни годинава, покрај неколку легислативни успеси на Демократите и исполнувањето на изборното ветување – простувањето на милијарди долари студентски заеми од страна на Претседателот Бајден.
–Иако голем број од републиканските кандидати директно поддржани од поранешниот претседател Доналд Трамп не поминаа воопшто добро на изборите, се очекува неделава тој сепак да ја најави својата номинација за републикански кандидат за претседател што ги става Републиканците во сложена ситуација.
На другата страна, се чини дека има мали шанси за нова ѕвезда и претседателски кандидат меѓу Демократите, освен актуелниот Претседател Бајден. Накратко, кога се ќе се собере и одземе, Демократите имаат многу причини да бидат задоволни. Но, останува впечатокот дека САД и понатаму се политички високо поларизирана држава – истакнува Димитров.
Според него, овој изборен исход обезбедува континуитет и дома и во американската надворешна политика, вклучително и кон нашиот регион.
–Затоа, треба да очекуваме продолжување на актуелните политики меѓу другото и во однос на руската агресија врз Украина, факторизацијата на НАТО алијансата и безбедносната поддршка на Европа и на улогата на Вашингтон во нашиот регион. Со еден збор – континуитет – нагласува Димитров.
В.С.