Стопанската комора со иницијатива за реформи во пет области за подобрување на економијата

by Fokus

Стопанската комора на Македонија денес го информираше претседателот Стево Пендаровски за иницијативата за потпишување Декларација за економски реформи, политики и мерки.  Според Стопанската комора треба да се делува во пет приоритетни области за да има стабилен и предвидлив економски амбиент.

„Претседателот Стево Пендаровски денеска прими делегација од Стопанската комора на Северна Македонија, предводена од претседателот на комората Бранко Азески и претставници од Асоцијацијата во Стопанската комора на Северна Македонија ТИМ-40. На средбата се разговараше за актуелните општествено – политички случувања во земјава и нивните влијанија врз економскиот амбиент, како и за заштита на интересите на бизнис заедницата“, информираат од кабинетот на претседателот Пендаровски.

Според претставниците на Стопанската комора оваа оваа иницијатива е поттикната од бавниот реален раст на македонската економија, кој од периодот од 1993 – та до 2021 – та година просечно годишно изнесува само 1,7 %.

„Претставниците на Комората изјавија дека постојат пет приоритетни области во нашата држава. Тие потенцираа дека за создавање на стабилен и предвидлив економски амбиент неопходно е решавање на сивата економија, корупцијата, гасификацијата, решавањето на проблемите со извозните компании, издавањето на дозволите за градба и регулирање на статусот на интернет порталите“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.

Претседателот Пендаровски ја поддржа иницијативата и ги поздрави напорите на бизнис заедницата за  поттикнување на нови инвестиции, нови работни места и долгорочен одржлив економски раст и развој на земјата.

„Беше констатирано дека за унапредување на севкупните економски односи на државата потребно е решавање на сите отворени прашања преку дијалог и меѓусебна соработка“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.

Поврзани новости