Стопанската комора побара да се укине забраната за продажба на алкохол по 21 часот

by fokus

Стопанската комора ќе достави Иницијатива за измена на Законот за трговија, со која се бара укинување забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот.

Иницијативата произлегува од барањата на компаниите-членки на Здужението на  трговијата и Здружението на земјоделството и прехранбената индустрија при Стопанската комора на Македонија. Од комората сметаат дека во изминатите девет години откако е донесена, не само што не ги постигнала саканите резултати, туку предизвикала и дополнителна штета, пред се кај консументите, а потоа и кај домашната индустрија и државата.

„Воведувањето на забраната за продажба на алкохол по 19, односно 21 часот беше да се намали неговата консумација, особено кај младите. Но, напротив, во последниот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен лани, се констатира дека консумацијата не е само појава кај возрасните, туку и кај младите чиј број од ден на ден станува се поголем“, рече оперативниот директор Елена Милевска Штрбевска.

Според неа, ограничувањето на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа го стимулираше производството и трговијата „на црно“, што нанесе директна штета на консументите, бидејќи нема контрола на квалитетот на алкохолните пијалаци, државата (поради загуба од неплатени даноци и акцизи), како и домашната индустрија за пијалаци и легалните трговци кои мора да плаќаат огромни давачки, а се соочени со намалување на прометот.

Со воведувањето, пак, на лиценците за продажба на алкохол, над 5.500 трговски објекти во земјата од вкупно околу 13.000, се откажале од продажба на алкохол, со што драстично се намалил нивниот промет.

Поврзани новости