Под мотото „Царина се грижи за одржливост на граѓаните, просперитетот и планетата“, Царинската управа на Република Северна Македонија денеска го одбележува Меѓународниот ден на Царината 26 јануари, каде царинската заедница ќе се фокусира на придонесот кон одржлива иднина, при што социјалните, економските, здравствените и еколошките потреби ќе бидат во сржта на нејзините активности.
Поаѓајќи од исклучителниот ангажман и придонес за поголема ефективност и ефикасност во работењето и развојот, oваа година фокусот се става на заштитата на животната средина, т.е. како да се има поквалитетна средина за живеење. Царината може многу да придонесе во создавањето на стабилно и предвидливо деловно опкружување, мора повеќе да се посвети на заштита на животната средина,како и тоа да се врати довербата на институциите и компаниите. -Како Царинска управа, во наредниот период ќе вршиме притисок врз сите институции да се продолжи кон целосна дигитализација која е неопходна за работењето во иднина, – истакна директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.
Генералниот секретар на Светската царинска организација,Кунио Микуријаво име на Меѓународната царинска заедница, додели Сертификат и на Стопанската комора на Македонија, за давање на исклучителни услуги. Инаку Сертификатот се доделува по препорака на Царинската управа на нашата земја, како резултат на долгогодишна успешна соработка, но и во знак на благодарност што Стопанската комора на Македонија во октомври минатата година беше домаќин на презентацијата „Паметни граници за беспрекорна трговија, патувања и транспорт“. Презентацијата се реализираше во соработка со Царинската управа, како дел од Конференцијата на Светската царинска организација (СЦО) – „ПИКАРД“ (Партнерство во царинското истражување и развој), која неколку дена се одржуваше во Скопје.
В.д.извршниот директор на Комората, Билјана Пеева-Ѓуриќ, истакна дека овој сертификат е уште една потврда за успешната соработка со Царинската управа во изминатиот период, аваквиот тренд на соработка и храбри чекори ќе продолжат и во иднина. При тоа посочи дека концептот на Паметни граници, што беше презентиран во Комората во присуство и на млади генерации студенти потенцијални стручни кадри во дејноста, има важност од аспект на користење на големите податоци (big data) за аналитички потреби кои можат да дадат многу појасна слика за електронската трговија, автоматизирањето на процесите, безбедноста и елиминирање на ризиците, обезбедување мерливост и користење на новите технологии.
Денот на Царината беше одбележан и со доделување награди за успешно работење и на неколку царински службеници, а добитник на Признаниеза придонес кон развојот на Царината е и компанијата „Фершпед“ од Скопје.