СТОПАНСКАТА КОМОРА НА ЧЕЛО НА ПЛАТФОРМАТА ЗА ЈАВНО-ПРИВАТЕН ДИЈАЛОГ

by Fokus

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

Харолд Вилсон, британскиот премиер од 70-тите години, ние „коморџиите“ ќе го запаметиме по неговата легендарна изјава во која рекол: „Подобро е Комората да ја имаме како партнер на Владата во конципирањето на законите, отколку како противник во нивната примена“. Но сѐ уште не е роден лидер кој ќе ја каже формулата за тоа, бидејќи јасно е дека тоа танцување меѓу јавниот и приватниот сектор изгледа како еден пар кој повеќе се гази преку чевлите, отколку што танцува. Ако не знаете зашто, тоа е за парите. Прашањето сега е следно: зошто овој принцип не може да функционира како што е запишано. Во светот на ова прашање ќе најдеме илјадници одговори, но ајде ние да ги оставиме компаративните анализи настрана и да видиме како е кај нас.

Штом УСАИД почувствувал потреба во 2018 година да го стави ова прашање на маса и да помогне во неговото надградување, сигурно имало причина за тоа. И морам да признам дека со нивна поддршка тоа на некој начин и заживеа. Се сеќавам дека кога и Унијата на германските комори за индустрија и трговија (ДИХК) пред 20-ина години започна проект за профункционирање на Асоцијацијата на балканските комори (АБЦ), нѐ натера да сфатиме колку сме далеку на толку близок простор. А тоа го направи на наједноставен начин. На една наша средба ни постави две прашања: колку често се состанувавте пред проектот и како дојдовте на состанокот во Сараево. На првото прашање одговорите беа многу малку или никогаш, а на второто дека во Сараево дојдовме преку Виена и Истанбул. Нивното инсистирање на постоењето на АБЦ нѐ принуди на поблиска соработка, која потоа се надгради со проектот на ЦЕФТА и на

Коморскиот инвестициски форум. Така и со Платформата во која се вклучени четирите комори (Стопанската комора на Северна Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија). Не дека не соработувавме, но Платформата понуди метод на постојана комуникација меѓу коморите, но и на поодговорен однос на Владата, претставена од Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и за инвестиции. Средбите се однапред закажани секој месец, последниот петок, методологијата на работа е однапред утврдена, а резултат на сето тоа е завршување на проектот на УСАИД и продолжување со работа на Платформата како постојана институција во интерес на бизнисот.

Секогаш си го поставувам прашањето зошто мора некој однадвор постојано да нѐ организира и да нѐ тера на соработка. Во нашиот случај тоа е многу едноставно бидејќи бизнисот е сечиј интерес. Но и во такви услови постои блокада на сфаќањата дека тоа мора да се негува и да се надградува. Затоа го изразувам своето задоволство што во наредниот период ќе претседаваме со оваа платформа и уверувам дека ќе направиме сѐ тоа да биде на највисоко професионално ниво и во интерес на севкупниот бизнис во нашата држава.

Поврзани новости