Стопанската комора ќе го оспори пред Уставен суд Законот за солидарен данок

by fokus

Стопанската комора ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на Законот за солидарен данок, најави вечерва претседателот на Комората Бранко Азески.

Азески во интервју за ТВ Телма рече дека ова ќе биде трет закон за две години што Стопанската комора ќе го оспори пред Уставниот Суд.

Бизнис секторот, како што вели првиот човек на Стопанската комора, направил се за да се продлабочи дијалогот меѓу нив и власта, но, во услови кога партиските интереси се поважни повикува на заедничка платформа на бизнисот со универзитетите, медиумите, синдикатите и невладините организации.

-Ги молиме и сакаме да ја продлабочиме соработката со секого кој што е на оваа линија, да допринесеме за доброто на оваа држава. Тоа можеме да го направиме ако одиме заедно на овие цели и со оваа методологија, медиумите, бизнис организациите, синдикалните организации, невладиниот сектор, универзитетите, сите треба да се обединиме под таа платформа, која што дури и да дојде до застранување на политичките елити во одреден период, ќе можат да ги тргнат за рака и да им кажат „Чекај, вратете се“. Затоа што, очигледно е дека ниту губењето на изборите ја убива нивната волја за власт, ниту критиките што ги упатуваме, ниту сериозните полнења на затворите, тие повторно си продолжуваат. Доаѓаат нови, се регрутираат сили коишто не сакаат да работат, не сакаат да се вклучат во процесите, туку најдобро им е преку партиските агенди, преку партиските активности да практично егзистираат во овој момент, рече Азески.

 

Поврзани новости