Стопанската комора ги оспори пред Уставен суд законите за недела неработен ден

by Fokus

Стопанската комора на Македонија ги оспори денеска пред Уставниот суд законските решенија кои овозможија неделата да биде неработен ден за повеќето вработени во земјава.

Како што извести на интернет страницата Уставниот суд, денеска од Комората биле поднесени две иницијативи. Во едната, подносителот ги оспорува членовите 4, 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија објавен во „Службен весник на РМ” 295/21.

Се оспоруваат одредби коишто се однесуваат на работното време, инспекцискиот надзор и прекршочни санкции. Според подносителот оспорените одредби биле во спротивност со слободата на пазарот и претприемништвото (член 8 алинеја 7), владеењето на правото (член 8 алинеја 3) и начелото на еднаквост (член 9) од Уставот, соопшти Уставниот суд.

Во втората, во која подносител исто така е Стопанската комора на Македонија се оспорува Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи објавен во „Службен весник на РМ” бр.288/21, како спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Оспорениот закон се однесува на уредување на работата во недела.

Поврзани новости