Во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа работна средба меѓу претставници на Комората и на Конзорциумот „Бехтел ЕНКА“, изведувач на проектот за автопатиштата од Коридорот 8 и од Коридорот 10д, членка на Комората. Оваа презентација имаше цел подобро да ги објасни водечките принципи на тендерскиот процес на „Бехтел ЕНКА“ за зајакнување на учеството на локалните компании во проектот за автопатиштата, што до денес, според информациите на „Бехтел ЕНКА“, е дека околу 90 % од подизведувачите и 65 % од добавувачите се локални компании. Дополнително, по краткиот осврт на опсегот на проектот и на историјата на проектите на „Бехтел ЕНКА“ на Балканот, фокусот на состанокот беше врз средствата за зајакнување на учеството на македонските компании од широк опсег на сектори до завршувањето на четирите секции на коридорите 8 и 10д со вкупна должина од 111 километри.
Како дел од активностите со Стопанската комора, оваа иницијатива е насочена кон транспарентна соработка и кон поблиско запознавање со компаниите членки на Комората заради разјаснување на процесите за соработка при реализација на работните активности за време на градењето на посочените коридори.
Стопанската комора на Северна Македонија и „Бехтел ЕНКА“ во следниот период ќе продолжат со заеднички средби и со презентации во подрачните канцеларии на Комората во Штип, Битола, во Прилеп, Кавадарци и во Кичево, а во последниот квартал од 2024 година се планира заедничка презентација со „Бехтел ЕНКА“ за сите заинтересирани компании, за што компаниите ќе добијат навремено известување.
На средбата се разговараше за две клучни теми:
1. Промоција на домашните компании – Стопанската комора и „Бехтел ЕНКА“ се согласија за важноста од интегрирање на локалните ресурси и експертиза за успешно завршување на проектите.
2. Процеси на соработка: насоки за учество на локалните компании во тендерските постапки и во процесите за набавки на услуги и на работи. Се разговараше за процедурите за подобрување на комуникациите и на транспарентноста во овие процеси, како и за надминување на потенцијалните пречки.
„Нашата цел е да создадеме продуктивно и поддржувачко опкружување во кое домашните компании ќе можат дополнително да се развиваат и да учествуваат во големи инфраструктурни проекти важни за поттикнување на домашната економија“, рече потпретседателката на Стопанската комора Јелисавета Георгиева-Јовевска. „Преку оваа иницијатива сакаме да помогнеме нашите компании да имаат еднакви можности да учествуваат и да придонесат за развојот на нашата инфраструктура. Изградбата на овие значајни инфраструктурни проекти не е од корист само за нашата земја, туку воопшто и за целиот регион и подалеку.“
Конзорциумот „Бехтел ЕНКА“ со оваа и со повеќето средби со претставниците на Стопанската комора ја потврди својата намера да работи во тесна и транспарентна соработка со домашните компании, но и да даде поддршка и појаснување за процесите на учество и на соработка. Од „Бехтел ЕНКА“ објаснија дека со завршувањето на поголемата експропријација ќе има повеќе работни фронтови и повеќе можности за домашните компании.
Комората ја поздравува оваа заложба на Конзорциумот „Бехтел ЕНКА“, која, реално, ќе значи создавање простор за работа и засилен ангажман на нашите компании, што неминовно би довело до значителна економска придобивка.
Како најголема деловна асоцијација, Стопанската комора на Северна Македонија активно ќе учествува во најавените активности за што поголем број компании да се запознаат и, секако, да имаат пристап до горенаведените процеси. Комората активно ќе продолжи со активности за создавање услови за успешна интеграција на домашните компании во значајни инфраструктурни проекти, со што ја потврдува улогата на клучен посредник во економскиот развој на државата.