Имајќи ги во предвид усложнетите економски движења на глобално ниво, што воедно предизвикува и драстично зголемување на цените на нафтените деривати, во услови на несоодветната методологија за пресметка која се применува во Северна Македонија, компаниите членки на Комората од редот на трговците со нафта и нафтени деривати, апелираат за наоѓање на заедничко решение со Регулаторната комисија за енергетика, бидејќи тие во овој момент работат со загуба, односно набавната цена е поголема од продажната.
Деловните субјекти од овој сектор ја поздравуваат одлуката за дневно регулирање на цените на нафтените деривати, но забележуваат на намалувањето на трговската маржа за 33%, која од 4,5 денари сега изнесува 3 денари од литар што претставува историски најниско ниво на досега утврдена трговска маржа кај трговците со нафтени деривати.
Ваквата одлука по укажување на компаниите ќе го поремети нивното оперативно работење со што би се довеле во прашање егзистенцијата и понатамошното функционирање на трговците како и целиот енергетски пазар бидејќи истите со секој продаден литар гориво генерираат загуби. Воедно нејасно е зошто рокот за враќање на маржата не е ставен во правилникот (во еден момент регулаторот вели дека ќе се сменат маржите кога ќе се сменат законите а од друга страна дека сепак ќе зависи од цената на светските берзи), со што се влева недоверба кај трговците кои набавката на дериватите ја финансираат со сопствени средства.
Во целиот изминат две годишен период на траење на кризата предизвикана од Корона вирусот, компаниите од овој сектор не ги користеа владините мерки за поддршка кои се носеа за деловните субјекти и своето работење го организираат континуирано и непречено и во неизвесни економски услови и затоа нивното размислување е дека сега не е момент да се креираат мерки со кои ќе се обременува нивното работење.
ПР текст