„Стоп за Усје“ ја обвинува о. Кисела Вода дека ги „кријат податоците од мерната станица“, од Општината демантираат

by irena 14:48
14:48

Иницијативата „Стоп за Усје“ ја обвинува Општина Кисела Вода дека ги кријат податоците од мерната станица за воздух која е поставена во дворот на цементарницата Усје, спречувајќи ја транспарентноста за податоците загадувањето на воздухот.

Иницијативата бара станицата да функционира со цел капацитет, да се интегрира во јавни апликации и да овозможува мерења во реално време за загадувањето од согорување на петрококс и јаглен.

„Тврдењето на Општината е целосна лага. Уредот што Општината го купи и постави во 2024 година е Aeroqual AQS-1. Тој поддржува онлајн пренос и API. Мери PM10, PM2.5, како и SO₂ и NOx, додека ние гледаме само она што тие одлучат да го објават. Од ова произлегува прашањето: Каков интерес го штити Општина Кисела Вода? На граѓаните или на загадувачите како фабриката за цемент Усје? Лажните тврдења на институциите, кои очигледно одбраа да бидат на страната на Усје наместо на граѓаните кои бараат чист воздух, нема да поминат“ велат од „Стоп за Усје“.

Тие нагласуваат дека граѓаните треба активно да се вклучат во заштитата на чистиот воздух, особено сега кога цементарницата „Усје“ бара нова еколошка лиценца.

Од општина Кисела Вода ги демантираат обвинувањата и изречените клевети.

„Како институција која отсекогаш негува отворен однос со граѓанскиот сектор, сметаме дека е крајно некоректно да се користи јавниот простор за пласирање дезинформации. Ова е особено недолично ако се земе предвид дека градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска оствари средба со претставници на ова здружение веднаш по нивното барање, а истото здружение има и континуирана комуникација со сите општински служби. Токму затоа, мерната станица поставена во кругот на цементарницата „Усје“ работи исклучиво во интерес на јавноста, а сите измерени вредности се јавно достапни. Сакаме јасно да им порачаме на граѓаните дека грижата за нивното здравје е наш највисок приоритет“ велат од Општината.

Слични вести