Советот на јавни обвинители денеска даде позитивна оценка за четири од петте кандидати за функцијата републички јавен обвинител.
Едногласна поддршка доби Ленче Ристоска, за која десет членови гласаа „за“.
Позитивна оценка од сите 10 членови на Советот доби и судијата од Кривичен суд, Ненад Савевски.
Девет членови на Советот сметаат дека Лидија Раичевиќ треба да биде избрана за државен јавен обвинител.
Позитивно мислење доби и в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, а Советот заклучи дека Владимир Панчевски не ги исполнува законските услови, бидејќи нема непрекинат работен стаж од најмалку 10 години. Поради тоа тој беше дисквалификуван.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители.
Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас.
За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.