„Стоп за криминалот во судството“: Судии на чело со Рибарев заработуваат со местење пресуди

by fokus

Неколку судии организирани преку еден извор на моќ во лицето на веќе разрешениот поранешен судија на Врховен суд и поранешен Претседател на Апелациониот суд во Штип – Стојанче Рибарев, кој влијаел на одлучувањето и непристрасноста на судиите во донесување на незаконски судски одлуки и злоупотреба на судскиот печат кон прибавување на значителна материјална корист.

Ова денеска го пренесоа од граѓанската иницијатива „Стоп за криминалот во судството“ на средбата со претседателката и членовите на Републичкиот судски совет во врска со доставеното известување за случај на корупција од висок профил од поедини судии од подрачјето на Апелациониот суд во Штип.

-На средбата беше изнесено дека станува збор за мал број на судии од Основните судови под надлежност на апелационото подрачје во Штип и поедини судии од Апелациониот суд во Штип кои со своето систематско незаконито постапување го подриваат угледот на целокупното судство како на подрачјето на Апелациониот суд во Штип, така и во целата држава, соопштуваат од Граѓанската иницијатива.

Тие очекуваат Републичкиот судски совет да направи сè што е во рамките на законските надлежности предвидени со Законот за судски совет за и понатаму да се продолжи и ефектуира процесот на реформи во судството и јакнење на одговорноста на судиите.

-Со тоа ќе се овозможи порешително искоренување на ваквите негативни делувања од страна на поединци кои во текот на своето децениското работење во судовите успеале да го деформираат системот задолжен за делење на правдата во името на граѓаните и да го насочат во правец на свое лично богатење. Изразуваме благодарност за отворениот и транспарентен пристап на Републичкиот судски совет спрема граѓанската иницијатива кон постигнување на основната цел, зголемување на независноста и непристрасноста како фундаментална особина на судскиот систем, а со тоа и зголемување на општествената доверба во судскиот систем на државата. Се надеваме дека ваквиот начин ќе ја придвижи државата кон европските вредности кон кои се стремиме на чесност, правичност и еднаквост пред законите на граѓаните, сметаат од Иницијативата.

Пријавена корупција во Апелациониот суд Штип

 

 

Поврзани новости