Стоматолозите почнаа со работа, заразените ќе одат на Клиника, другите прво ќе треба да пополнат прашалник

by Frosina Fakova

Стоматолошките ординации од денеска почнаа со работа, по речиси два месеца, кога беа затворени со прогласувањето на епидемијата на корона, како едно од евентуалните жаришта за ширење на заразата. Сепак одењето на забар сега нема да биде како порано, ќе се постапува по посебен протокол, пациентите ќе треба да носат заштитна опрема, ќе им биде мерена температура и ќе треба да пополнат епидемиолошки прашалник.

-По препорака на Комисијата за заразни болести, од 13.05.2020 година сите стоматолошки ординации во Република Северна Македонија започнуваат со работа. Со тоа стоматолошките услуги на осигурените лица ќе ги пружаат избраните лекари стоматолози и лекарите специјалисти од дејноста орална хирургија, ортодонција и протетика.При тоа сите стоматолошки здравствени установи кои се во мрежата, се ставаат во рестриктивен режим на работење, со што се должни да се придржуваат кон протоколите и упатствата за работа во услови на се уште постоечка закана од инфекција со COVID 19, изготвени од страна на Стоматолошка комора на Северна Македонија, соопштија од Стоматолошката комора.

На прашање на Фокус, од таму велат дека пациентите кои се заразени со новиот корона вирус, независно дали се на домашно или болничко лекување, ќе прават стоматолошки интервенции на Стоматолошкиот клинички центар. Сите други пациенти ќе одат кај матичните епидемиолози, но прво ќе треба да пополнат епидемиолошки анамнестички прашалник.

-Пациенти кои имаат било какви симптоми слични на сиптоми на Ковид 19 (пр.покачена температура и слично) се упатуваат на преглед кај матичен лекар и по негово дијагностицирање и препорака пациентот се прифаќа од стоматолог или не. Ако стоматологот го превзема му укажува итна помош со соодветно ниво на опрема за сомнителни случаи, велат од Стоматолошката комора за Фокус.

Сепак стоматолозите нема да прават секакви интервенции и ќе има одредени рестрикции, односно нема да се прават интервенции кои се со многу водено распрскување (аеросол) и кои бараат многу време за работа, како големи протетски изработки, импланти, па дури и ултразвучно чистење на забен камен којшто може да се отстрани рачно. – Нивото на заштитна опрема зависи од типот на интервенција, објаснуваат од Комората.

Во изминатиот период работеа само дежурни стоматолошки ординации кои имаа дозвола за тоа и беа примани само итни случаи. Од Министерството за здравство велат дека во периодот додека функционирале итните стоматолошките служби, немало заразени со Ковид 19 ниту меѓу стоматолозите, ниту меѓу пациентите.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости