Стоматолозите алармираат на зголемени трошоци за заштитна опрема согласно протоколите за работа со цел превенција од ризиците од КОВИД -19.
Бараат итно отпочнување преговори со Фондот за здравствено осигурување за нов модел и за висината на капитацијата која сега изнесува 48 денари.
– Со цел заштита и превенција во стоматолошките ординации, потребна е нова вонстандардна опрема за лична заштита согласно новите протоколи за работа, што опфаќа, работна униформа со долги ракави и заштита на вратот, N95,FFP3 или FFP2 маска, визир, еднократно заштитно одело, скафандер или мантил за еднократна употреба, зависно од интервенцијата. Зголемени се цените и на материјалите и на средствата за дезинфекција, а исто така ограничени се и стоматолошките интервенции кои можат да се пружат на пациентите. Намален е приемот на пациенти заради почитување на мерките и протоколите и сето ова придонесува за зголемување на цената на услуга од 500-1500 денари зависно од интервенцијата, се наведува во денешното соопштение.
Стоматолозите посочуваат дека капитацијата од 48 денари и цените на услугите при договор склучен со ФЗО не ја вклучуваат дополнителната опрема и оти товарот не треба да падне на пациентите.
Стоматолошките ординации беа ставени во вонреден режим од 11 март, а подоцна и целосно затворени по препорака на Министерството за здравство, ФЗО и Стоматолошката Комора со цел превенција на ширење на епидемијата.
Стоматолошките ординации почнаа со работа на 13 мај под посебни услови со ограничен број на интервенции и ограничен број на пациенти.