Превработеност и долг од четири милиони евра затекнал новиот директор на јавното претпријатие, „Водовод и канализација“, Душко Весковски, кој седна на ова место пред само неколку месеци. Меѓу вработените, поголем број се административен кадар, додека претпријатието има недостиг на технички кадар.
Во „Водовод и канализација“ се вработени и лица кои по своите квалификации не треба да бидат таму. Весковски вели дека има вработен и стомотолог и напоменува дека во рамки на претпријатието не постои ординација каде што стоматологот би ја вршел својата дејност. Тој потсетува дека меѓу вработените се евидентирани и такви кои со години земале плата, а не доаѓале на работа.
-Но преземавме мерки и согласно законските прописи овие луѓе се интегрирани во системот на работа – изјави тој.
Во интервју за ТВ24, директорот додава дека јавното претпријатие го чешлаат повеќе надлежни институции и истражни органи. Град Скопје и Трудовата инспекција подготвуваат ревизија, а за работата на претходното раководство се заинтересирало и Специјалното јавно обвинителство.
Весковски додава дека бројни институции имаат долгови кон јавното претпријатие. Меѓу нив се Клинички центар, Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, државните студентски домови и Охис. Клинички центар должи 180 милиони денари за неплатена вода, односно не плаќало сметки речиси десет години.
Во „Водовод и канализација“ има два синдикати, едниот е репрезентативен, а другиот е независен. Според директорот, со досегашниот правилник за работа вработените биле наградувани со 10 отсто од вредноста на платата за редовно доаѓање на работа.
Проблематично е прашањето со независниот синдикат, кој, вели Весковски, бил фаворизиран од претходното раководство.
-Од она што имав можност да го дознаам, луѓето биле приморувани да се зачленат во независниот синдикат. Имате одморалишта во Дојран, Претор, само на тој синдикат им ги реновирате, им делите пилиња, јајца им делите плазма телевизори. За разлика од тоа репрезентативниот синдикат е занемарен иако потекнува од самото претпријатие – посочува тој.
Директорот на „Водовод и канализација“ напоменува дека водата во Скопје е перфектно чиста и дека е втора по квалитет вода во Европа.