Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска за време на ненајавената посета на Украина изјави дека земјите-членки на Алијансата не ги исполниле ветувањата за воена помош за Киев во последните месеци, но вети дека сега ќе се зголемат испораките на оружје и муниција.
– Бев јасен дека ако членките треба да изберат помеѓу исполнување на целите на капацитетот на Алијансата и помагање на Киев, треба да ја поддржат Украина и да подготват планови за полнење на магацините – рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.
Тој предупреди дека посериозните одложувања во обезбедувањето поддршка ќе значат посериозни последици на бојното поле за неколку месеци.
– Ќе бидам многу искрен со претседателот Зеленски и во парламентот и ќе кажам дека сојузниците од НАТО не го исполнија она што го ветивме во последните месеци. САД поминаа шест месеци за да се договорат за пакетот, а европските сојузници не ја доставија муницијата што ја ветивме. Но, сега сум убеден дека работите ќе се сменат, рече тој во возот со кој патуваше за Киев.
Тој исто така изјави дека „Русите платиле висока цена за маргиналните територијални придобивки“ и оцени дека Украина сè уште може да ги „сврти работите“.
– Не е доцна Украина да надвладее и затоа е толку итно сојузниците од НАТО сега да го сторат тоа што го ветивме и тие обврски да ги претвориме во реални испораки на оружје и муниција – рече тој.
Ова е трета посета на Столтенберг на Украина од почетокот на војната.