Столтенберг: Украинската борба е и наша борба и затоа НАТО ќе стои зад Украина!

by Fokus

„Украинската борба е и наша борба и затоа НАТО ќе стои зад Украина онолку долго колку што ќе биде потребно“.

Ова меѓудругото денеска го изјави генералниот секретар на Алијансата, Јанс Столтенберг пред почетокот на средбата на министрите за одбрана на земјите членки на Пактот во Брисел.

Тој нагласи дека НАТО ќе продолжи да ја поддржува Украина и дека воената поддршка за земјата и нејзиното приближување кон пактот ќе бидат тема на разговори на денешните состаноци на Контакт групата за одбрана на Украина и на Советот НАТО-Украина.

„Вашето лидерство и храброста на украинските вооружени сили за заштита на народот продолжува да не импресионира и инспирира сите нас и ние ќе продолжиме со поддршката бидејќи тоа е важно за цело НАТО“ – изјави Столтенберг, посакувајќи му добредојде на состанокот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Столтенберг истакна дека состојбата во Израел ќе биде тема на утрешната средба на Северноатлантскиот совет, на која ќе присуствува и израелскиот министер за одбрана, кој ќе ги информира своите колеги од НАТО за случувањата на теренот, додавајќи дека Алијансата ги осудува терористичките напади врз цивилите.

Според шефот на НАТО, во текот на утрешниот ден на министерската средба ќе стане збор и за спроведување на одбранбените планови усвоени на Самитот во Вилнус, за напорите да не се дозволи враќање на џихадистичката група Исламска држава во Ирак, за распоредувањето дополнителни сили на НАТО на Косово, како и за инцидентот во Балтичкото Море во кој беше оштетена витална подводна инфраструктура и ако се утврди дека штетите се намерно предизвикани ќе има сериозен одговор од страна на Алијансата.

 

Поврзани новости