Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Украина има право да гаѓа воени цели во Русија за да се одбрани од напади.
„Украина има право да напаѓа воени цели на руска територија (како) дел од правото на самоодбрана, а ние имаме право да ги поддржиме во одбраната“, рече Столтенберг за Гласот на Америка во седиштето на НАТО во Брисел, каде што e oдржан 23 состанок на НАТО Контакт групата за одбрана на Украина (UDCG).
UDCG, кој е предводен од САД, собира околу 50 земји и ја координира воената поддршка за Киев во борбата против инвазијата на Русија.
Столтенберг ја поздрави одлуката на сојузниците и партнерите да ги намалат ограничувањата за употреба на оружје против легитимни воени цели во Русија. Тој рече дека правото на Украина на прекугранични напади стана поочигледно откако Русија отвори нов фронт на север во Харков и почна да ја напаѓа областа директно од руска територија.
„Границата и линијата на фронтот се горе-долу исти, и се разбира, ако руските сили, артилерија, ракетните батерии се безбедни веднаш штом се на руската страна на границата, за Украинците станува исклучително тешко да се одбранат самите“, рече генералниот секретар на НАТО.