Во изминатите 75 години НАТО можеше да спречи воен напад врз која било од своите членки благодарение на јасната комуникација, изјави Јенс Столтенберг.
Според него, алијансата е таму за да ги брани своите членки и затоа секоја сугестија дека нема да се заштитиме меѓусебно ја поткопува безбедноста на сите нас.
„Целта на НАТО е да спречи војна, да го зачува мирот, да спречи напади врз сојузничките земји и тоа го правевме со децении бидејќи нашата моќ на одвраќање беше веродостојна. Затоа, секоја сугестија дека нема да се заштитиме едни со други ја поткопува безбедноста на сите нас и ги зголемува ризиците“, рече Столтенберг на прес-конференција кога беше побарано да ги коментира неодамнешните изјави на републиканскиот кандидат за претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп.
Поранешниот американски претседател рече дека САД нема да им помогнат на оние земји кои не плаќаат два отсто од својот БДП за одбрана и дека, згора на тоа, ќе поттикне напад врз тие членки.
Столтенберг рече дека неговата порака до Трамп е дека кредибилитетот на силите за одвраќање на НАТО не треба да се поткопува.
„Ова се однесува и на способностите во кои инвестираме, но и на начинот на кој комуницираме, бидејќи нашите противници ја имаат на ум нашата моќ за одвраќање. Не треба да оставиме простор за погрешно проценување или недоразбирање во Москва за нашата подготвеност, посветеност и решеност да ги заштитиме сите сојузници“, рече генералниот секретар на НАТО.